1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

181010 Weltreligionen Gemeinsamkeiten

25 октомври 2010

Под поимот „Аврамски религии“ се подразбираат еврејството, христијанството и исламот. Причината за тоа е што сите три релгии го сметаат Аврам за прататко на нивната вера.

https://p.dw.com/p/Pmpe
Фотографија: Fotomontage/AP/DW

Христијанството се повикува на „аврамовиот благослов“. Сите видови на Земјата треба да бидат благословени од него. Евреите, пак, го опишуваат како свој татко, додека муслиманите се поврзуваат со Аврам преку неговиот син Исмаил.

Вербата во бог како создател на светот и начелото „сакај го ближниот свој“ - ова се фундаменталните сличности на трите најголеми монотеистички религии, христијанството, еврејството и исламот. За Рајнер Шварц од Христијанско-исламското друштво, најважно е тоа што „... сите веруваме во еден бог, иако го величаме на различни начини и претставата за него во неколку точки се разликува“, вели Шварц.

Тоа значи дека христијаните, евреите и муслиманите, во прв ред, се сметаат себеси за божји чеда. Меѓутоа, првите разлики се појавуваат во претставата за Бога. Во исламот, на пример, Бог е возвишен создател, кој управува со животот на луѓето. Тие не му се обраќаат со „оче наш“, како христијаните. За нив е особено значајно кога зборуваат за Господ, да не го вбројуваат во ниту една човечка категорија.

Поврзницата е Аврам

Сите три религии меѓусебно се испреплетуваат и од нивното создавање, секоја од нив е во конфликт со претставите што ги имаат останатите две. Кога во седмиот век настанал исламот, христијанството постоело веќе шест века. Според еден исламски писател, братучедот на првата жена на Мохамед, Хатиџа, бил христијанин. Христијанството веќе имало зад себе теолошки дебати и конфликти на арапскиот полуостров. Дали Мохамед самиот имал желба да основа сопствена религија, до денес останува спорно. Во секој случај, Коранот отсликува дека исламот се дистанцира од христијанството. Затоа во светата книга на муслиманите има строфи, кои повикуваат на насилство против неверниците. Меѓутоа, тој се осврнува и на христијанските и еврејските преданија. Библиските приказни за Адам, Аврам, Мојсеј, Јован Крстител и Исус заземаат голем простор во Коранот.

Heilige Bücher der Religionen, Bibel, Koran, Tora
Фотографија: AP / bilderbox.com / Fotomontage DW

За теологот Карл-Јозеф Кушел, од Институтот за екуменски истражувања во Тибинген, Абрахам претставува поврзницата меѓу еврејството, христијанството и исламот.

„Сите три религии го величат Аврам како прататко на нивната вера. Тоа е посебното во нивниот однос. Евреите, христијаните и муслиманите веруваат во заеднички преданија, кои немаат ништо слично со религиите од индиско или кинеско потекло.“

Писмо до христијаните

Затоа Кушел повикува сличностите на религиите да се вратат во фокусот. Теологот не порекнува дека разлики постојат, но тој би сакал со нив да се постапува конструктивно.

Mittelalterliche Bibel
Фотографија: AP

И муслиманите ја подвлекуваат фундаменталната сличност меѓу абрахамските религии, односно вербата во Бога и начелото „сакај го ближниот свој“. Пред три години, 138 муслимански научници од целиот исламски свет испратија отворено писмо до сите христијани, во кое побараа дијалог со нив. Како потписници на документот се јавуваат познати претставници на исламот од цел свет, како на пример муфтиите на Босна и Херцеговина, Сирија и Русија, меѓутоа и високи шиитски свештеници. „Како муслимани, им порачуваме на христијаните дека не сме против нив и дека исламот не е против нив“, се вели во писмото, што значи пресвртница во христијанско-муслиманскиот дијалог.

Нема дијалог без критичари

Во Германија постојат околу 170 друштва, кои работат на остварувањето на тој дијалог, со цел подобро да се запознаат едни со други и подобро да се разберат. И додека критичарите ги обвинуваат дека се наивни, Рајнер Шварц од Христијанско-исламското друштво има поинаков став:

„Не постои дијалог без критичари, меѓутоа важно е со почит да се однесуваме едни кон други и да бидеме свесни за заедничките основи.“

Не само исламот, туки сите три религии често се исправени пред опасноста религиските претстави да се помешаат со политички идеологии.

Трите најголеми светски религии се како браќа и сестри, што се развиле во заеднички правци и неретко се гледаат меѓусебе како непријатели. Притоа, имаат многу повеќе сличности што ги поврзуваат, отколку што понекогаш би сакале да имаат.

Автор: Клаудија Менде / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска