1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободата на медиумите во опасност

Марко Милер/ Б. Георгиевски3 мај 2012

Во првите пет месеци од годинава ширум светот убиени биле 21 новинар. Тоа е трагичниот биланс на кој потсетуваат од организацијата Репортери без граници на одбележувањето на денешниот Ден на слободата на медиумите

https://p.dw.com/p/14oA9
Фотографија: Fotolia/Vladimir Voronin

Немирите во Арапскиот свет доведоа до големи промени, но работата на новинарите воопшто не стана поедноставна. Михаел Редиске, од германската централа на Репортери без граници вели дека степенот на слобода на медиумите е различен од држава до држава.

Во Тунис, на пример, работата на новинарите не е толку опасна како порано. Во Сирија, состојбата е алармантна, и опасноста која таму им се заканува на новинарите е слична како и онаа од пред неколку години во Ирак.

„Арапската пролет доведе до големи конфликти. Новинарите мораа да известуваат од теренот и поради беа напаѓани, најчесто од владите“, вели Редиске.

Во повеќе земји по арапската пролет очекувањата не беа исполнети, а на таа листа предничи Египет, поради што оваа земја бележи натамошен пад во однос на почитувањето на слободата на медиумите.

Репортери без граници секоја година изработува ранг-листа на слободата на медиумите. Во моментов на неа се наоѓаат 179 земји. За секоја од овие земји, организацијата консултира не само новинари, туку и научници, правници и активисти за човекови права.

Еритреја убедливо на дното

Најдолу на листата се земјите каде слободата на медиумите е мислена именка. На дното е  Еритреја и тоа не е никакво изненадување, вели Пиер Амбројз кој во организацијата е задолжен за Африка.

„Еритреја е најлошото место за новинари воопшто. Слободните медиуми беа забранети пред 10 години. Денес, сите новинари работат за државни медиуми и мораат да ги следат наредбите од министерството за информации. Во спротивно, одат во затвор“.

Pressefreiheit
Протести на Репортери без граници во ПаризФотографија: dapd

Сепак, од Африка доаѓаат и позитивни вести. Две земји, Намибија и Капе Верде се најдоа меѓу првите 20 на ранг-листата, и тоа се должи пред се на стабилната политичка состојба во нив.

Во Азија најголем проблем останува Кина. Според Репортери без граници, во ниту една друга земја нема толкав број новинари и блогери во затвор. Кинеските цензори своето внимание во најголем дел го насочуваат кон интернетот. Во моментов најмногу им пречи социјалната мрежа „Веибо“, каде се разменуваат куси вести во стилот на Твитер. Откако над 300 милиони Кинези отворија свои профили на Веибо, властите одлучија да воведат задолжително регистрирање со вистинско име и презиме.

Во Авганистан, нема толкав проблем со цензурата, но присутно е застрашувањето на новинарите, особено од страна на талибанците и локалните моќници. Од падот на талибанците во 2001. во земјата се отворија 170 приватни радио станици и повеќе од 60 тв-куќи. Но слободата на медиумите и натаму е ограничена, а новинарите постојано се цел на напади.

Азербејџан во фокусот

Опасна е работата на новинарите и во Латинска Америка. Особено во земји како Мексико и Хондурас, каде се во тек големи пресметки меѓу нарко картелите и армијата, слободата на новинарите е многу ограничена. Опасно е и во Бразил. Само во првите четири месеци од годинава таму беа убиени четворица новинари. Особено загрозени се новинарите кои ги истражуваат корупцијата и организираниот криминал во Бразил.

Symbolbild Medienfreiheit
Фотографија: Fotolia/sahua d

Во Европа, традиционално проблематични се Белорусија и Русија, а во последниот период негативни трендови бележи и Украина. Поради организацијата на евровизиското шоу во фокусот се најде и Азербејџан, земја во која со години масовно се гази слободата на медиумите. Евровизија нема ништо да промени во тој поглед, смета Михаел Клем од германското новинарско здружение.

„Можеби ќе им дозволат мала слобода на медиумите во тој кус период, но по завршувањето на настанот се’ ќе си продолжи по старо“, вели Клем.