1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенечка поддршка за македонската евроинтеграција

БГ/миа13 ноември 2013

Сонцето повторно ќе огрее во Македонија и доколку земјата повторно не добие датум за почеток на преговори, изјави македонскиот премиер Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/1AGgC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Словенија останува силен поддржувач на македонската евроинтеграција. Односите меѓу двете земји се одлични и пријателски, кои се базираат на долгогодишна конструктивна соработка и заемна поддршка. Ова е оценката на македонскиот премиер Никола Груевски и неговата словенечка колешка Аленка Братушек (на фотографијата) кои денеска остварија средба во Брдо кај Крањ.

„Словенија како до денес така и во иднина ќе ја поддржува Македонија и другите земји на Балканот во напорот за приближување кон ЕУ“, изјави по заедничката средба словенечката премиерка. Братушек смета дека ќе се дојде и до решение за прашањето за името.

„Овој проблем треба да се реши што побрзо и единствениот начин за негово решавање во едно демократско општество се разговорите“, истакна Братушек.

Премиерот Груевски изјави дека доколку изостане одредувањето на почеток на преговори на декемврискот самит, Македонија како и досега ќе продолжи да работи.

„Советот доколку не одреди датум за преговори во Македонија веројатно следниот ден сонцето ќе изгрее исто како и пред Советот. Ние нема да чекаме ништо. Ќе продолжиме да работиме како што работиме и досега“, рече Груевски.

Груевски потенцира дека во процесот на преговорите за спорот за името имаше различни фази, но оти сега, како што вели, не може да каже дека е во некоја поинтензивна фаза.

„Ние сме подготвени за многу поинтензивни разговори и повикуваме на поинтензивни разговори. Подготвени сме на директни разговори, не само преку посредник, бидејќи директните секогаш даваат повеќе резултати. За жал, нашиот јужен сосед не е подготвен за директни разговори. Ги одби сите наши иницијативи за директни разговори, седнување на маса, барање решение. Мој впечаток е дека кај нив не постои подготвеност за доаѓање до компромис и наоѓање решение и надминувње на проблемот и се’ уште не постои подготвеност за деблокирање на Македонија за почеток на пеговорите со ЕУ и членство во НАТО“, рече премиерот Груевски.