1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија-кандидат за помош од европскиот чадор?

Александра Шерле/ БГ/ЖА3 август 2012

Словенија може да биде следниот кандидат за помош од европскиот чадор за спас на еврото. Повеќе рејтинг-агенции ја намалија оценката за нејизниот кредитен рејтинг, Мудис дури за три степени.

https://p.dw.com/p/15jQD
Фотографија: Reuters

„Првак на генерацијата“ и „Земја за пример“: така Словенија беше именувана од германските медиуми кога во 2004 година стана членка на ЕУ. Експертите тогаш оценуваа дека ретко која земја од т.н. „источен бран“ од 2004. е толку добро подготвена за влез во Унијата. Денес, осум години подоцна, доминираат наслови како „Еврокризата ја стигна Словенија“. Се’ почесто се поставува прашање: дали и на Словенија ќе и биде потребна помош од европските фондови?

Од официјалните претставници тоа засега се демантира. Но, премиерот Јанез Јанша неодамна во парламентот предупреди дека земјата ќе мора да почне да штеди за да не заврши како Грција. Министерот за финансии ветува дека ќе стори се’ за да не дојде во ситуација да бара помош. Гувернерот на Народната банка вели: „Во моментов не ни е потребна помош“, но со акцент на „во моментов“.

Slowenien Generalstreik
Фотографија: Reuters

Меѓународните рејтинг агенции во последниот период го намалија бонитетот на Словенија и на нејзините банки. Рејтин-агенцијата Мудис денеска ја намали оценката на словенечкиот бонитет дури за 3 степени, на Баа2. Со тоа поранешната југословенска република е оддалечена од нивото„ безвредно“ само два степени. Каматите за нови задолжувања за земјата достигнаа речиси седум проценти. За споредба, Германија се задолжува за помалку од два отсто камата.

НЛБ банката најголем проблем

Најголемиот проблем во Словенија во моментов, се чини, е состојбата со тамошните банки кои во најголем дел се во државна сопственост. Пред се’ тоа важи за Нова љубљанска банка, НЛБ. Иако во мнозинска државна сопственост, и долги години директно поддржувана од државата, на НЛБ сега и се потребни околу 380 милиони евра за рекапитализација, согласно барањата на Европскиот банкарски ревизор.

Словенечкиот европратеник Јелко Кацин вели дека државата повторно ја земала НЛБ под свое, но прогнозира дека до крајот на годинава на банката ќе и биде потребна нова рекапитализација.

„Сега е најдено краткорочно решение, но до крајот на годината ќе биде потребна нова рекапитализација. Доколку не се најде друго решение тогаш ќе мора да се бара помош од ЕУ“, вели Кацин.

Тоа значи дека Словенија ќе мора под чадорот за спас на Унијата. Засега се говори само за околу 200 до 300 милиони евра и тоа само за НЛБ. Другите банки во земјата не се споменуваат, иако и тие имаат проблеми.

Kulturhauptstadt 2012 Maribor Slowenien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пад на извозот

Уште една причина за зголемена загриженост во Словенија е падот на извозот. На тоа поле уште еднаш на виделина излегуваат негативностите на одлуката во земјата да не се дозволува преголем влез на странски инвеститори, оценува Хермине Видовиќ од Виенскиот Институт за меѓународна економија.

„Извозната структура на Словенија не е добра. Нема доволно високо квалитетни продукти, а за поголемиот дел од нив е потребен многу труд“, вели Видовиќ. Кога денес ќе ја споредите Словенија со некои други нови членки на ЕУ, ќе забележите дека тие имаат далеку повеќе странски инвестиции и поинаква извозна структура. Тие продуцираат високи квалитетни технолошки продукти, заклучува Видовиќ.

Падот на извозот го погодува и пазарот на трудот. Засега невработеноста во Словенија е околу 8 проценти, што е далеку под просекот на еврозоната од 11 отсто, но е двојно повеќе во споредба со невработеноста пред почетокот на кризата.