1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенци на привремена работа во Македонија

Златко Калински 27 декември 2012

Станува ли македонскиот спортски простор се’ поинтересен за играчки и тренерски имиња од Словенија? Во моментов словенечката спортска колонија во Македонија ја сочинуваат две познати ракометни имиња и едно кошаркарско.

https://p.dw.com/p/179bJ
Фотографија: Fotolia/Jof

Пред една и пол година, Миладин Козлина го напушти примамливиот германски ракометен полигон и зачекори на македонскиот. Словенечкиот репрезентативец боите на германскиот Гетинген ги замени со сино-белата на Металург, стамено застанувајќи на левата бековска позиција:

„Јас бев во Гетинген пред две години, кога игравме против Металург. Тогаш разговаравме со Лино Червар и тој ме повика во Металург. Се консултирав и со мојот менаџер, кој ми потврди дека Металург има високи клупски цели. Се одлучив и еве, тука сум.“

Од пред два месеца едно од најславните словенечки и европски ракометни имиња, Ренато Вугринец во минута пред стартот на новата сезона му се приклучи на Металург, завземајќи ја десната бековска страна:

Symbolbild Handball Spieler Halle Hallensport Bundesliga Spielball
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Пред десет години, не сум можел да размислувам за вакво нешто, но во последните четири години ракометот во Македонија е во голем подем, што се гледа и по резултатите. Во моментов ми е голема чест што сум дел од оваа ракометна приказна.“

„Скопје е како да сум дома“

Алеш Пипан е познато кошаркарско име. Поранешен југословенски репрезентативец во 70-тите години, долго време стратег исклучително успешен со словенечката репрезентација. Од скоро е тренер на МЗТ Скопје: „Се решив многу брзо, оној момент кога добив покана да бидам тренер на МЗТ Скопје, да го решаваме заеднички проблемот со екипата. Кај нас тренерите се’ е отворено, одлуката беше брза и сега сум тука“.

Финансискиот момент, високите резултатски цели и клупски амбиции се примарните елементи во спортот. Но, постои и втора страна на медалот за која зборува Миладин Козлина: „Мене лично многу ми се допаѓа во Скопје. Се навикнав брзо, луѓето ме прифатија. Искрено, тука се чувствувам како да сум дома“.

Вугринец пак преку ноќ стана миленик на ракометната публика во Скопје: „Пресреќен сум! Во суштина тоа е многу битно и за мене и за самодовербата на целата екипа. Останува да се оддолжам, да продолжиме со добри игри да одиме само напред“.

Алеш Пипан е со многу позитивни впечатоци за македонската кошарка, но и за првичните искуства во работата со кошаркарите на МЗТ Скопје: „Македонската кошарка постигна голем успех на Европското првенство во Литванија со освојувањето на 4-то место. Што се однесува до МЗТ Скопје играчите се добри, вредни, вистински професионалци и задоволство ми е да работам со нив. Има работи кои треба да се подобрат, секој тренер има свој систем на работа да се поправат нештат и сите да бидат задоволни“.

Една од првите победи во АБА лигата, Пипан ја оствари токму против „своите“, во Љубљана во натпреварот со Олимпија.

„Кај нас тренерите нема ’мои и твои’ и ’твој’ е клубот кој го тренираш. Кај мене немаше такви чувства. Отидовме во Љубљана да играме и да победиме. Тоа ни успеа и секоја чест за играчите. Сега не очекуваат нови натпревари“.

И Козлина и Вугринец се врзани со договори до пролет 2013-та година, до крајот на сезоната. Постои ли желба за продолжување на играњето во Македонија?

Handball HSV Hamburg siegt beim mazedonischen Vertreter HC Metalurg in Skopje
Фотографија: DW

„Мене оваа година ми истекува договорот. Што се однесува до мене јас и натаму би останал во Скопје. Но, решавачкиот збор го имаат луѓето што го водат клубот и тренерите. Јас би останал“, вели Козлина.

„Имам договор на 10 месеци, но мислам дека се’ е до мене, колку добро ќе играм и како тоа ќе го оценат луѓето во клубот. Јас би сакал и натаму да останам тука и кариерата да ја завршам во овој преубав град“.

Убаво звучи искреноста на Ренато Вугрунец. Целите на Алеш Пипан се МЗТ Скопје да израсне во постојан и стабилен учесник во европската клупска кошарка.