1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сложена мисија на Косово

13 август 2007

Таканаречената косовска тројка во напорите за решавање на спорот околу иднината на покраината, наиде на бескомпромисност кај преговарачките партнери.

https://p.dw.com/p/BTXv
Косовската тројка во Приштина од премиерот Чеку го слушна очекуваното: независноста на покраината не е за преговориФотографија: AP

Тројката во која се Европската унија, Русија и САД, во петокот најнапред престојуваше во Белград, а во деновите на викендот во Приштина.

Ако се бараше нов доказ дека позициите на Србите и Албанците во косовскиот конфликт остануваат непроменети, тогаш уште една потврда стигна изминатиот викенд. Тројката во Приштина од косовскиот премиер Агим Чеку повторно слушна дека независноста на покраината веќе не е тема на преговори. Претходно во Белград, врвните српски политичари на дипломатите на тројката им објаснија дека независна држава Косово за нив воопшто не доаѓа предвид. Оттаму, не е никакво чудо што преговарачот на Европската унија Волфгнаг Ишингер дипломатски изјави дека станува збор за сложена мисија:

„Да беше лесно, немаше да бидеме овде. Секако станува збор за сложена задача. Но, можам да кажам дека по првите разговори во Белград, и потоа во Приштина, тројката ја заврши првата серија преговори со чувство дека од обете страни сме добро примени, и дека обете ја соопштија својата готовност да соработуваат со добра волја„.

Прашањето е врз која основа ќе се случува тоа во наредните 4 месеци. Зашто, многу е веројатно дека и членовите на тројката не се единствени. Планот на Марти Ахтисари кој преговараше две години, пропадна во Советот за безбедност. Сега станува збор за тоа каква улога ќе игра тој план во идните преговори. За ова Ишингер:

„Секако дека планот не е мртов. Во Њујорк не беше постигната согласност за негово прифаќање. Но, тој досега е единствениот план што е воопшто предоложен, единствениот направен по налог на Обединетите нации и единствениот за кој се дискутираше во Советот за безбедност. Ние велиме дека го прифаќаме секој резултат што ќе го договорат двете страни. Ако тоа биде планот на Ахтисари – супер„.

Во меѓувреме, очигледно дека ниту тројката веќе не ја исклучува можноста од поделба на Косово на српски и албански дел. Главно е, се вели, двете страни да се согласат. Ишингер ги отфрла прогнозите дека тројката однапред е осудена на неуспех:

„Оваа тројка има предности и недостатоци. Но, пред се има предности. Имено, таа им овозможува на Европејците, Американците и Русите со обете страни да зборуваат со еден глас, за никој да не може да се обиде на мала врата на едната или другата страна да и сигнализира: не го земајте серизоно кажаното, ние можеме да ви испратиме сосема друг сигнал„.

На 10 декември косовската тројка на генералниот секретар на Обединетите нации треба да му достави извештај. Како ќе работат натаму тројцата дипломати засега останува отворено.