1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај Варварин: "Одбиена тужбата на 35-те Срби"

10 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRj
Судот во Бон денеска ја отфрли тужбата на Србите, жртви на напад на НАТО во Варварин во 1999 година. 35-те тужители бараа отштета од еден милион евра.

"Ова би бил се разбира политички, правноисториски, меѓународноправно - неверојатно голем чекор, доколку го добиеме процесот. Мислам дека судот е свесен за ваквата димензија и соодветно на тоа ќе дејствува и ќе размислува", изјави на 15 октомври, денот на почетокот на судскиот процес во Бон, Ѓил Пинар, една од адвокатите на жртвите.

И, содветно на нејзините претпоставки, е донесена и пресудата. Судот денеска соопшти дека ја отфрла тужбата со образложение дека барањето на тужителите не се раководи ниту според германското, ниту според меѓународното право. Норми во меѓународното право, според кои одделни граѓани би поднесувале барања до определени држави, не постојат. Меѓународното право нуди само посредна заштита.

Ова беше судски процес единствен во историјата на Германија, зашто државата првпат е ставена на обвинителна клупа поради учество во војна. Притоа, таа е обвинета како членка на НАТО.

35-те Срби, тужители, бараа отштета од Германија од еден милион евра, поради тоа што авионите кои го бомбардирале мостот во Варварин на 30 мај 1999 година, тргнале од нејзина територија, иако притоа ниту еден од авионите не бил германски. Тужителите сметаат дека тој кој соодлучува во одлуките на НАТО носи и дел од вината, зашто ги прекршил обврските за заштита на цивили, нешто што според хуманитарното право е задолжително. Експертите не веруваа дека тужителите ќе добијат отштета, меѓу другото и поради тоа што воена отштета може да биде исплатена само преку репарациони плаќања меѓу држави.

Бомбардирањето на мостот во Варварин на 30 мај 1999 година, однесе 10 животи, а тешко повредени се 17 луѓе. Сите цивили. НАТО тврдеше дека мостот имал воено значење, дека било сторено се' да се избегнат цивилни жртви и дека случајот Варварин бил несреќен случај.