1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смеата во театрите - „Лек за душа“ во време на рецесија

Свето Тоевски28 декември 2012

Во последниве три години во театрите во Македонија имало околу 800 илјади посетители. Во сегашнава продлабочена општествено - економска рецесија во земјата, колку ја има смеата во театрите?

https://p.dw.com/p/17AAy
Фотографија: DW/S. Toevski

Во сегашниов миг дали на луѓето им е потребна најмногу токму комедијата?

Професорката на државниот Факултет за драмски уметности во Скопје и театролог Јелена Лужина, одговара: „Низ сите историски периоди и во сите општествени контексти смеата од секогаш била мошне лековита и мошне потребна. Човекот има потреба да се смее, само луѓето умеат да си го олеснат животот, смеејќи се.Театарот е еден од каналите преку кој го правиме тоа многу убаво.“

Комедијата не е поефтин и полесен жанр“

„Македонскиот народен театар ја негува многу сериозно комедијата“, истакнува Дејан Пројковски, неговиот уметнички директор и продолжува: „Особено внимаваме на изборот на текстовите. Сакаме да исправиме една грешка, која беше наметната во изминатите години: дека комедијата е полесен и поефтин жанр. Сега се обидуваме некако да ја вратиме на вистинското место преку изборот и на вистинските текстови, сработено од мајсторите на комедијата. Во нашата четиригодишна стратегија испланиравме воведување на класиката на сцената низ современо читање. Така пристапуваме и кон комедијата: како кон големите дела. Пример за ова се и нашите две последни комедии ’Декамерон’ и ’Свадбата на Фигаро’, следени од голем број на гледачи, кои коментираат дека, конечно, МНТ нуди комедии, кои се вистинско уживање.“

Dejan Projkovski Theater Regisseur Mazedonien
Дејан ПројковскиФотографија: Milco Jovanovski

Во март годинава беше конституирана новата национална институција од културата „Театарот комедија“. Со своите 13 вработени тој досега веќе има подготвено премиери и претстави од три комедии.

„Сега се работи на текст на писателот Блаже Миневски, со што во наредниот месец ќе биде отворена театарската 2013 година“, вели Јован Крстевски, еден од најистакнатите актери во „Театар комедија“ и напоменува: „Театарот е секогаш дежурен полицаец, кој ги следи сите недостатоци, сите појави во општеството, било да се девијантни, или позитивни, претставувајќи ги низ комична призма. Смеата е најдобриот лек да се излезе од апатијата и тешката ситуација, во која живееме. Смеата е она што го прави човекот да опстојува и да живее. Со нашите претстави ние даваме надеж да се истрае во оваа рецесија. Вербата, оптимизмот и надежта, кои се присутни во нашите претстави, дозволуваат појавување такво чувство кај луѓето, таква перцепција и таква оптимистичка нота на нивното живеење. Пресреќен сум кога луѓето се смеат во публиката, бидејќи сум успеал, барем за миг, да ги одвојам од ситуацијата во која се наоѓаат.“

„Потешко е да расплачеш илјада луѓе, отколку да насмееш тројца“

Професорката Лужина коментира: „Сегашното жанровско профилирање ќе и овозможи на публиката да се насочи веднаш кон нешто што ја интересира приоритетно: тоа е комедискиот жанр. Тоа е одлично. Публиката однапред ќе знае што ја чека таму каде што одбира да оди: во ’Театарот комедија’“.

Таа критикува дека комедијата е недоволно застапена во малите градови: „Комедиографскиот жанр наспроти оној, условно кажано, посериозниот, е избалансиран во репертоарот на Битолскиот театар, а донекаде и на Прилепскиот театар, оти имаат и драми и комедија. Можеби имаме малку потценувачки однос кон комедијата. Театрите во помалите места се ориентирани многу повеќе кон некакви големи ’вселенски’ теми, отколку кон обичните и секојдневни теми. Не е точно дека комедијата не се занимава со нив, ги зафаќа и нив, но, на поинаков начин.“

Volkstheater Bitola
Народниот театар во БитолаФотографија: Valentin Svetozarev

Во Тетово десетина години постои Аматерско драмско студио во Центарот за култура, составено од ентузијасти, кои доживуваат овации по секоја нивна комедија. Како му припаѓаат на тој театарски израз тројца актери, кои самите, како „ударна тројка“, се нарекуваат „Чешит шоу“?

Лазар Саровски вели: „Со смеата што ја нудиме на секоја наша претстава им го продолжуваме животниот век на луѓето барем за 20 години.“

Amateur Theater Studio Tetovo
Аматерскиот театар во ТетовоФотографија: Igor Bacovski

Игор Бачовски се надоврзува: „Ги навикнавме луѓето да ја сакаат комедијата, а помалку вистинската драма, трагедијата, бидејќи, веројатно, така и го живеат животот. За десеттина години имаме направено 12 премиери на комедии и повеќе нивни претстави“

Глигорие Стојановски посочува: „Секоја наша претстава ја следат по околу 700 луѓе. Денеска е потешко да насмееш тројца, отколку да расплачеш илјада луѓе. Но, нам ни успева да ги насмееме.“

Со еден збор, колку повеќе македонските граѓани ќе бидат сардисани од урнисувањето на животниот стандард и колку повеќе ќе немаат перспектива пред себе, толку повеќе ќе имаат работа комедиографите и актерите да им ги наполнат „животните батерии“ со нова енергија и надеж.