1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смената на Ѓилас - вовед во едноумие?

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски25 септември 2013

Градоначалникот на Белград, Драган Ѓилас, е сменет од функцијата. Со тоа српската опозиција го загуби клучното место во борбата за моќ со владејачката коалиција во српската влада.

https://p.dw.com/p/19oCv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нов удар за српската опозиција. Лидерот на Демократската партија (ДС) Драган Ѓилас е сменет од функцијата градоначалник на Белград и сега владејачкиот двоец на Српската напредна партија (СНС) и на Социјалистичката партија на Србија (СПС) го презеде еден од клучните лостови на власта, а тоа е управувањето со српската престолнина. Според многу проценки местото на градоначалник на Белград формално се смета за трето по сила во државата, веднаш зад претседателот на државата и на премиерот. Ако кон тоа се додаде фактот дека Белград истотака е местото во кое циркулира најголемото количество пари во Србија, тогаш е сосема разбирливо зошто власта во престолнината е толку важна за сите политички актери.

Краткорочна загуба- долгорочна добивка?

Губењето на Белград е краткорочен удар за ДС, оценува за ДВ, Ѓорѓе Вуковиќ од ЦеСИД. Тоа особено се однесува на голем број функционери на ДС, кои, по губењето на републичката и белградската власт, сега имаат егзистенцијален проблем. Меѓутоа долгорочно погледната таквиот расплет е добар за Демократската партија, смета Вуковиќ.

„Таа сега ќе има отворена позиција јавно и јасно да ја критикува власта во сите елементи. За нив истотака предност ќе биде тоа што во суштина целата власт сега е во рацете на оние кои ја имаат републичката власт и сета одговорност ќе биде врз нив. И како и да се развиваат работите во Србија, веројатно во неколкуте наредни мандати секоја власт порано или подоцна ќе биде обвинета за лошата состојба во земјата. Значи, прашање е колку работите ќе се подобрат во наредните неколку мандати, што значи дека говориме за наредните 10 до 12 години.“

Власта ги украде сите теми

Прв чекор за консолидација на Демократската партија е пронаоѓање теми со кои може да им парира на сегашните власти. Дури на второ место е евентуалното спојување на ДС со Либерално-демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ, вели Вуковиќ. Проблемот , според него е во тоа што актуелната власт на целата опозиција и‘ украла три клучни теми, истакнува Вуковиќ.

Serbien Belgrad Bürgermeister Dragan Dilas
Фотографија: City of Belgrade

„Тоа се темите поврзани со ЕУ, поврзани со Косово и со процесот на модернизација. Сите три теми во овој момент ги држи Српската напредна партија а до вчера тие беа мотивациска сила на Демократската партија. Сега ДС на некој начин мора да најде некои нови теми, бидејќи само со нови теми може да ги мотивира избирачите да гласаат за неа“.

Ревизија на изборите без избори

Со оглед дека СНС и СПС цела година ја оставија ДС на чело на Белград, јавноста се прашуваше кој беше сега нивниот мотив сепак да се одлучат за змена на власта. Чедомир Антиќ , претседател на Напредниот клуб за ДВ вели дека најверојатна причина за смената на Ѓилас е односот на сили во владејачката коалиција:

„Сите овие случувања, смената во Белград и реконструкцијата на владата, ги гледам како настојување да се избегне правењето биланс од првата година владеење. Од другастрана тоа го гледам и како начин без избори да се изврши нова евелуација на моќта на партиите. Значи сето ова што го гледаме е ревизија на изборите“.

Губитник и во сопствената партија?

По смената на местото градоначалник на Белград, Драган Ѓилас сега може да очекува и продолжување на притисокот врз неговата позиција на претседател на Демократската партија. Ѓорѓе Вуковиќ смета дека неговата позиција ќе зависи пред сѐ од однесувањето на комитетот на ДС од Војводина:

„Значи тие го имаат тој пресуден пакет акции и работите ќе се менуваат според нивната волја и желба . Очигледно ова ќе биде целосно поинаков амбиент во кој Ѓилас повеќе не е грдоначалник и тоа битно го менува потенцијалот кој тој досега го имаше“.

Драган Ѓилас воочи расправата за доверба на градоначалникот на Белград оцени дека неговата смена е вовед во диктатура во Србија. Ѓорѓе Вуковиќ вели дека е тешко да се каже дека актуелната власт има некои сериозни демократски амбиции, но истотака не може ни да се говори за влегување во диктатура.