1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смена на врвот на Еврогрупата

Кристоф Хазелбах/ Жана Ацеска22 јануари 2013

Со луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер по осум години од челото на Еврогрупата заминува човек со голем политички формат. Неговиот наследник ќе биде Јерон Дејселблум, класичен компромисен кандидат.

https://p.dw.com/p/17O9T
Фотографија: GOBET/AFP/Getty Images

Долго као сигурен наследник на Жан Клод Јункер важеше германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Но, пролетоска, кога Франсоа Оланд стана француски претседател, Париз се спротистави на предлогот за Шојбле, кој важи како човек со стисната рака. Неговиот француски колега Пјер Московици пак на стабилизирачки ориентираните западни земји не им беше по мерка. Работата се растегна.

Дејселблум важи за штедлив

Прашањето, кој ќе биде на чело на Еврогрупата, конечно е решено. Но, за што се залага новиот прв човек? Холанѓанецот Јерон Дејселблум нема многу искуство, можеби поради тоа што не е ни доволно стар, роден е во 1966 година. Тој е инаку и младолик. Тој порано бил асистент на неговата Партија на трудот во Европарламентот, а зад себе има и една истражувачка работа на ирскиот универзитет Корк. На функцијата холандски министер за финансии е од минатата есен, па неговите колеги немаа време да стекнат мислење за него.

Дејселблум се изјасни за строга линија на консолидација. Уште на првиот настап во Брисел како министер во ноември во врска со преговорите за ЕУ-буџетот изјави: „Во Холандија, а не само таму, туку и во речиси сите европски земји, мора да се штеди толку многу, што би било несфатливо тоа да не функционира и во Брисел“.

EU-Gipfel in Brüssel Schäuble
Волфганг Шојбле и Жан Клод ЈункерФотографија: picture-alliance/dpa

Иронични забелешки на четири јазици

На Дејселблум ќе му биде исклучително тешко да излезе од сенката на својот претходник. Жан Клод Јункер е речиси европска легенда. Скоро незаборавни се неговите изреки, при кои тешко се правеше разлика дали се иронични или сериозни, како оваа: „Германците, кога мислат дека не ги слушам, прават недозволливи забелешки за големината на мојата земја“.

Некои негови забелешки, било на германски, француски, англиски или на луксембуршки јазик, предизвикуваа опуштање на долгите ноќни седници. Многумина велат дека токму ова ќе им недостига.

Потребно беше балансирање

Но, во последниве години имаше малку прилики за смеа и лесни разговори. Еврокризата сите ги остави без здив. Јункер мораше да балансира во повеќе аспекти: да врши притисок вез економски заслабнатите земји да штедат и да вршат реформи. Во врска со грчките фалсификувани буџетски биланси тој еднаш изјави: „Играта заврши!“ Но, истовремено тој повеќепати изрази разбирање за товарот кој го носи народот. А кога се засилија гласовите Грција да биде избркана од еврозоната, тој остро одговори: „Ниту една единствена секунда не сум помислил на можноста Грција да ја напушти еврозоната“.

Постојано мораше да се бара солидарност од економски стабилните држави, но да се внимава тие да не бидат преоптоварени. Така Јункер балансираше, на пример, во врска со исклучително заостреното прашање за колективно преземање на долговите. На прашањето за големината на ризиците за германските граѓани, даночни обврзници, даде за него типичен одговор: „Оној кој не ризикува, влегува во најголем ризик“.

Најмалку еднаш, целосно погреши: во ноември 2010 година беше сигурен „во случајот со Грција, до средината на 2013 година нема да има учество на приватните доверители“. Само неколку месеци подоцна, мораше да признае „ќе има учество на приватните доверители во отписот на грчкиот долг“.

EU Gipfel in Brüssel
Жан Клод Јункер и Ангела МеркелФотографија: AP

Да се слуша внимателно, да се потпираш на другите

Сите овие задачи Јункер според општа проценка, велемајсторски ги заврши. Речиси и да немаше критика на негова сметка, а ако имаше, тоа беше поради неговата подготвеност за компромиси. Независниот европратеник Ханс-Петер Мартин дури на една седница на комисија, го повика Јункер воодушевено да стане нов претседател на Европската комисија, на што Јункер одговори „да“, и таинствено се насмеа, без да каже дали се шегува или не. 

Јункер не сака да извлекува биланси ниту да дели совети на својот наследник. Но, сепак порача: Европа е комплицирана а мнозинството не размислува како другите. Ако нешто научил, тогаш тоа е - „Сознанието за тешкотиите на другите е есенцијално, за да се придвижат работите во Европа. Совет: мора да се сакаат другите, за да можеш да се избориш за себе“.

Што прогнозира Јункер за иднината? По децении политичко искуство за него моќта „ја изгубила секоја еротска димензија“, изјави 58-годишниот пред неколку дена. Како луксембуршки премиер, без функцијата претседател на Еврогрупата, тој ќе има многу поголема слобода на изразување за европолитичките прашања: „Од мене допрва ќе слушате“, изјави тој.