1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смисли го сам производот што ќе го купиш

13 април 2011

„Mass Customization“ е во тренд - муштериите ги обликуваат производите според своите желби и замисли. Понудата на производи што можат да се „составуваат“ по желба е широка - од патики, преку парфеми, до чоколада.

https://p.dw.com/p/10jyT
Индивидуалните желби и вкус се во преден план
Индивидуалните желби и вкус се во преден планФотографија: Fotolia/Paul Schwarzl

Коцкички папаја зачинети со ливчиња канабис, кандиран јоргован со златна прашина, васаби зрна со чили и зачин од портокал - сите овие чоколада се уникати и чинат, во просек по парче, меѓу четири и шест евра. Муштериите на берлинската фирма „Чокри“ имаат на располагање околу 27 милијарди комбинации.

Раководителот на „Чокри“ Михаел Брук, објаснува: „Имаме многу муштерии кои едноставно сакаат нешто да испробаат. Имаме и муштерии кои си велат ’да видиме дали тоа ќе можеш да го изедеш’ и нарачуваат хорор- комбинации, но тоа е убавото кај нас. Основната состојка и она што го сочинува најголемиот дел од производот е чоколадо. Дури и ако се прават многу лоши комбинации со зачините, сепак, на крајот, главниот вкус е чоколадниот.“

За нарачка има широк избор комбинации
За нарачка има широк избор комбинацииФотографија: Bilderbox

Претпријатието продава био-чоколада направени по желба преку интернет веќе двеипол години. Муштериите можат да изберат меѓу четири видови чоколадо и околу 80 различни додатоци и зачини. Идејата се родила од нужда: „Во тоа време бевме очајно во потрага по подарок. Беше недела вечер и бевме очајни. Со оглед на тоа што уште тогаш работевме со чоколадо, така да се каже, го создадовме првиот ’чокри’ за да го подариме. Чоколадото наиде на толку добар одзив, што даде инспирација за бизнис-идеја“, вели Брук, кој уште како дете продавал фонтани за чоколадо.

Почнале со двајца, а денес се 50 вработени

Во една фабрика во Берлин се произведуваат табли чоколадо од сто грама по нарачка. Во меѓувреме, се работи дури и на смени.

Секое парче се произведува рачно и се испраќа по пошта. Муштериите се од Германија, Австрија и Швајцарија. Од неодамна има понуда и за САД. „Постојано сме претрупувани со нарачки, па мораме да ги прошируваме капацитетите и сега сме конечно во состојба некако одговориме на потребите.“

Нарачаните чоколада стигнуваат по цена од 4 до 6 евра
Нарачаните чоколада стигнуваат по цена од 4 до 6 евраФотографија: picture alliance / dpa

Прехранбени производи по сопствена желба и нарачка се во тренд - се‘ почна со мусли, па одеше преку ликери, до чај. Стручниот назив гласи - „Mass Customization“, односно индивидуализирани производи за широка потрошувачка по поволна цена. Ваквата понуда се зголемува и во лајфстајл-сферата, како во понудата на чанти, чевли или облека со индивидуален „Look“.

Само во Берлин има 30 фирми кои нудат „Mass Customization

Франк Пилер, професор по економија, вели: „Веќе една-две години во Германија се бележи силен бум на индивидуални производи. Има индивидуализирани стилови на живеење, индивидуализирани форми на работа. Нашето општество станува се‘ помултикултурно и со тоа се зголемува и желбата за индивидуални производи. Луѓето знаат дека што се‘ е можно да се направи и се помалку подготвени на компромиси.“

Може да се избере не само мирисот, туку и обликот на шишенцето на парфемот
Може да се избере не само мирисот, туку и обликот на шишенцето на парфемотФотографија: picture-alliance / maxppp

Кого огромната понуда не го плаши, тој има можност, на пример, да креира и сосема своја мирисна нота - постои аква, бергамот, лимон, портокал, мандарина, праска, јаболко, јасмин, роза, геранија, мошус, сандалово дрво итн. Срцето на фирмата „MyParfuem“ е виртуелниот дизајнер на мириси. Програмата препорачува комбинации, помага при составувањето на парфемите. Мати Нибелшиц зборува за предизвиците: „Предизвикот беше во тоа да се развие веб-страница на која може да се состави свој мирис, без претходно тој и да се мирисне. Работиме многу со слики, со описи и со сеќавања на нашите муштерии.“

На избор не се само мирисот, туку и шишенцето, името и бојата на парфемот. Ако мирисот на крајот од процесот не ви се допадне, парите се враќаат назад. Со ваквиот концепт „MyParfuem“, сега сака да го освои и американскиот пазар.

Автор: Кристине Бајер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска