1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снаа Албанка по мерка на свекрвата Србинка

Рефки Алија / Александар Методијев8 јуни 2013

Србите во општината Ораховац, а посебно во Велика Хоча, по 1999 година не можеа да се оженат. Девојките заминуваа, а ергените не се женеа. Се чини дека во минативе неколку години е најдено решение на тој проблем.

https://p.dw.com/p/18m9x
Фотографија: DW/R. Alija

„Се викам Трендафиле Киши. Јас сум од околината на Кроја, во централна Албанија. Овде, во Велика Хоча, се омажив пред година и половина со Славиша Павловиќ и веќе шест месеци го имаме синот Небојша. Задоволна сум од досегашниот живот. Добро ме прифати и свекрвата, а со сопругот одлично се сложувам, иако тој не знае многу албански, а јас српски“.

Вака ја започнува својата животна приказна оваа млада жена, инаку една од десетте Албанки кои во последниве неколку години се омажија во тоа српско село. Додека раскажува го држи своето немирно дете и го смирува на српски јазик.

„Господ ме благослови со снаа од Албанија“

Нејзината свекрва Живана не ја крие радоста што синот, кој овие денови наполни 40 години, конечно се ожени. А, што се однесува до 26-годишната снаа таа вели:

Kosovo gemischte Ehen Familie Pavlovic
Бабата Живана со внукот НебојшаФотографија: DW/R. Alija

„Од нејзина страна, Бог ме благослови. Таа ме почитува, ме прашува да не сум болна, дали ми треба нешто. Наша некоја не би ме ни прашала. Јас еднаш бев во Албанија. Тоа се чувствителни и добри луѓе. Не можеш да замислиш какви се тие луѓе. Јас сум задоволна од нејзина страна. Ми роди внук и го вратив името на син ми Небојша, кој загина во 1999 година. Сега мојот внук се вика Небојша. Овде има многу жени од Албанија, но мојата и жената на мојот кум се најдобри“.

Сите жени од Велика Хоча, сметајќи ги и оние кои дошле од Албанија, по косовската војна се породуваат во Србија, вели баба Живана. Меѓутоа, Трендафиле се породила во болницата во Ораховац.

„Така добро ја пречекаа. Сега никогаш не плаќа прегледи за детето дури ни кај приватен лекар. Само тие да живеат добро. И со син ми се сложува. Ако сопругот и дојде во три часот - таа има да стане, да му ја отвори вратата. Јас за тоа сум благодарна“, вели баба Живана.

„Кумата не’ запозна, ништо не сум платил“

Славиша Павловиќ најпрво објаснува како се запознал со својата животна сопатничка од Албанија.

Kosovo gemischte Ehen Familie Pavlovic
Целото среќно семејство ПавловиќФотографија: DW/R. Alija

„Што се однесува до мене и мојата жена Трендафиле – сето тоа одеше преку кумата. Си се допаднавме еден на друг и го договоривме денот. Чекав една недела, доле веќе следниот ден купив бурма, часовник... Ништо се сум платил, што се однесува на некоја организација, како што некои даваа по 500 или 1.000 евра. Јас ниту динар, ниту еден цент не сум дал“, вели Славиша.

Тој, како што вели, е пресреќен со својата сопруга. Долго чекал, но му се исплатило и сега има брачен партнер кој му „одговара во секој поглед“.

„Сега е супер. Тие, да кажам, се искрени, чесни и вредни. Сака и мајка ти да ја гледа. Чисти се. Нема шанси да оди некаде, да оди на кафе, а да не ме праша мене или додека не му се јави на мажот – тоа не. Што се однесува до тоа тие се чесни“, вели Славиша.

Во Хоча, со околу 500 жители, голем е бројот на неоженети. Девојките, како по правило, се мажат некаде надвор од Ораховац, а за ергените тоа до сега беше речиси нерешлив проблем.