1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден: Вистината излезе на виделина и не може да биде запрена

АМ/миа18 јуни 2013

Вистината излезе на виделина и не може да биде запрена, изјави 29-годишниот Едвард Сноуден, човекот што ги објави информациите за тајната американска програма за следење на компјутерските комуникации.

https://p.dw.com/p/18rR5
Фотографија: Reuters

Сноуден, кој од 20 мај се крие во Хонг Конг, нагласи дека нападите против него дека е кинески шпион биле очекувани. „Го очекував тоа уште пред се‘ да излезе на виделина“, изјави поранешниот консултант на американската Агенција за национална безбедност во директен разговор со интернет корисници на веб-страницата на британскиот весник „Гардијан“.

„Запрашајте се, ако бев кинески шпион, зошто не избегав директно во Пекинг? Немам никакви контакти со кинеската влада. Работам само со новинари“, изјави Сноуден.

Официјален Пекинг исто така ги отфрли тврдењата дека Сноуден работи за Кина.

„Американската влада нема да може да го затаи овој случај ако ме затвори или убие. Вистината излезе на виделина и не може да биде запрена“, истакна Сноуден.

На прашањето зошто избегал во Хонг Конг пред објавувањето на информациите, тој објасни дека не очекувал правичен судски процес во САД.

USA PRISM Internet Überwachung Quelle Edward Snowden
Сноуден вели дека работи само со новинари, а не со кинеската ВладаФотографија: Reuters/Ewen MacAskill/The Guardian/Handout

„Американската влада, како што веќе е правило со другите слични случаи, веднаш и очекувано ги задуши сите можности за фер и праведно судење во мојата земја, јавно прогласувајќи ме за виновен за предавство“, нагласи Сноуден.

Сноуден најави објавување на повеќе информации за начинот на кој Агенцијата за национална безбедност може да има директен пристап до личните информации на интернет. Според него, американските агенти имаат пристап до приватни електронски пошти и историјата на посети на интернет страници.

Претседателот на САД Барак Обама се обидува да ги смири бурните реакции од откривањето на тајните програми на американското разузнавање за електронско следење, подвлекувајќи дека тие се строго контролирани од извршната, законодавната и судската власт.

„Конгресот прави надзор, судовите го извршуваат надзорот“, изјави Обама во
интервју за емисијата на Чарли Роуз. Тој сепак призна дека откритието може да предизвика разбирлива тревога кај Американците.