1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден: Владата на САД сака да ме убие

Б. Георгиевски/дпа/афп27 јануари 2014

Поранешниот аналитичар на американската тајна служба Едвард Сноуден тврди дека САД спроведуваат и индустриска шпионажа. Сноуден тоа го изјави во интервју за германската телевизија НДР.

https://p.dw.com/p/1AxtQ
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Индустриската шпионажа од страна на американската тајна служба НСА е јавна тајна. Сноуден во интервјуто за НДР наведе и конкретни примери на таа тема:

„Доколку во Сименс постојат информации кои му користат на националниот интерес на САД, но немаат ништо со националната безбедност, тие сепак ќе бидат искористени“.

Сноуден досега откри бројни информации за прислушкување и следење на телефонските и интернет комуникациите од страна на НСА насекаде низ светот. Во интервјуто за НДР тој шпекулираше дека не се прислушкувал само телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел.

„Прашање е - колку е логично да се мисли оти таа е единствениот член на владата кој се следи? Би рекол дека не е многу веројатно дека некој, кој се интересира за намерите на германската влада, ја прислушкува само Меркел, а не и нејзините советници, други познати членови на владата или дури и локални политичари“, вели Сноуден.

Во разговорот кој бил снимен во Москва на 22 јануари, Сноуден говори и за заканите по неговиот живот со кои се соочува. „Претставниците на владата сакаат да ме убијат“. Како доказ за тоа тврдење, Сноуден го наведува текстот објавен на интернет-платформата „buzzfeed“ во кој член на Пентагон и на НСА му раскажува на репортерот дека се планира убиство на Сноуден.

Поранешниот аналитичар тврди дека повеќе не го поседува контроверзниот материјал. Вели дека материјалите им ги предал на новинарите и дека нема влијание врз она што се објавува.

Symbolbild NSA Abhöraffäre
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД го обвинуваат Сноуден за велепредавство и поради тоа му се заканува кривично гонење, во случај да се врати во татковината. Министерот за правда Ерик Холдер деновиве изјави дека не доаѓа в предвид помилување на Сноуден.

Поради тоа неговата иднина е неизвесна. Привремениот азил кој му го издаде Русија истекува во август годинава. Одлуката за негово продолжување е во рацете на рускиот претседател Владимир Путин. Досега Русија во повеќе наврати ги одбиваше барањата на САД за екстрадиција на Сноуден.