1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден побара азил во Русија

ЕМФ/дв/дпа16 јули 2013

Деновите на транзитен престој на Едвард Сноуден на аеродромот Шереметјево може да се избројани. Тој поднесе официјално барање за азил во Русија, а Кремљ сигнализираше согласност.

https://p.dw.com/p/198lg
Фотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

Едвард Сноуден, по повеќедневна мешаница околу неговите конкретни намери, официјално побара политички азил во Русија, а руските миграциски власти потврдија дека барањето е стигнато. Поранешниот соработник на американската тајна служба НСА, кого САД го бараат поради откривање на американската и британската програма за надгледување, повеќе од три недели се наоѓа во транзитниот простор на московскиот аеродром Шереметјево. САД го прогласија неговиот пасош за неважечки.

Официјално, азил на Сноуден му е понуден и од Боливија, Венецуела и Никарагва. Меѓутоа, нејасно е како без документ за патување Сноуден би стигнал во овие земји. САД бараат од Русија екстрадиција на Сноуден.

Snowden trifft Menschenrechtsaktivisten in Moskau
Што уште знае Сноуден?Фотографија: Reuters

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ја повтори понудата за прифаќање на Сноуден, но потсети и на условите што со тоа се поврзани. Сноуден, според Путин, би добил азил само ако на „американските партнери“ не би им нанесувал натамошна штета, на пример преку нови откритија.

Руските власти соопштија дека за обработка на барањето за азил е предвиден рок до три месеци. Во тој период барателот на азил не смее да биде протеран од земјата. Сноуден би можел да остане во транзитниот дел на аеродромот во Москва, или да биде префрлен во прифатен камп.