1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден: Правдата победи!

БГ/миа2 август 2013

Поранешниот американски разузнувач соопшти дека е благодарен на Москва поради азилот. Вашингтон незадоволен од потегот на Русија, бара начин како да возврати за неуспехот да го обезбеди Сноуден

https://p.dw.com/p/19IbH
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот вработен во американската тајна служба Едвард Сноуден изјави дека одлуката на руските власти да му дадат привремен азил е победа на владеењето на правото и се заблагодари на официјална Москва, истовремено обвинувајќи ги САД дека го погазуваат меѓународното право, објавено е на Викиликс.

„Во последните осум недели се уверивме во тоа дека администрацијата на Обама не го почитува ниту меѓународното, ниту, пак, домашното право, но на крајот правдата победи“, рече Сноуден во соопштението што го објави Викиликс. Тој се заблагодари на Москва што му овозможи привремен азил. Местото каде ќе престојува Сноуден не е познато.

САД се многу разочарани од одлуката на Русија да му даде азил на Сноуден, со што се намалува соработката која ја имаат безбедносните и полициските служби на двете земји, изјави портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни. Тој предупреди дека по одлуката на Москва се доведува во прашање учеството на американскиот претседател Барак Обама на самитот со претседателот на Русија Владимир Путин, планиран за следниот месец во Русија.

„Размислуваме дали е корисно да учествуваме на самитот по последните случувања, истакна Карни, додавајќи дека се уште не е донесена одлука. Претходно повеќе конгресмени ја осудија одлуката на руските власти да му дадат политички азил на Сноуден, оценувајќи дека тоа ќе влијае на односите меѓу Вашингтон и Москва.

Од Кремљ порачаа дека односите меѓу Русија и САД нема да се влошат поради овој  „релативно беззначаен“ случај.