1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден предупредува од „Големиот брат“

АТ/ миа/ дпа/ афп12 октомври 2013

Викиликс објави прва видео снимка со поранешниот соработник на НСА, Сноуден, откако е тој во Русија. Во неа Сноуден предупредува од државна шпионажа која како „еден вид огромна мрежа го надгледува целото население“.

https://p.dw.com/p/19yZg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден предупреди, во првата снимка откако доби азил во Русија, дека шпионирањето може да претставува опасност за демократијата. „Ако не можеме да ја разбереме политиката и програмите на својата влада, не можеме ниту да ги одобруваме нејзините промени“, дополни Сноуден на видео- снимката објавена на сајтот на платформата Викиликс.

Тој повтори дека контролата што ја врши НСА е многу опасна, додавајќи оти неселективното прислушување е многу позастапено од легитимните програми. „Тоа е вид на масовен надзор, дури и кога не е потребно. Луѓето ширум светот сфаќаат дека таквите програми не не‘ прават побезбеди, оти штетат на нашата економија и на нашата земја, дека ја ограничуваат слободата на говорот и слободата да мислиме, живееме, да бидеме креативни и да имаме врски какви што сакаме“, посочи Сноуден.

Symbolbild Überwachung Internet Spionage Kabel
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Сноуден го снимил видеото во средата, кога се сретна со четворица пензионирани агенти на американските разузнавачки служби и група активисти, кои се залагаат за промоција на етичките вредности на таа професија. Американската адвокатка Џеселин Радак, која исто така учествуваше на средбата, го предупреди Сноуден од враќање во Соединетите Држави. „Во САД сега е многу опасно време за разоткривачите“, рече таа за руската телевизија „РТ“.

Русија на поранешниот соработник на тајната служба НСА, кој со своите откритија околу американските програми за шпионирање ја разбранува светската јавност, му одобри привремен азил.

Едвард Сноуден на 23. јуни од Хонгконг допатува на московскиот аеродром Шереметјево. САД бараат негово израчување. Тие сакаат да го изведат пред суд поради оддавање на тајна. Русија одбива негово израчување. Сноуден неделава се сретна со татко му, кој за тоа допатува во Русија.