1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден: Програмите за следење се закана за слободата на говор

Александар Методијев/афп/ројтерс/миа3 ноември 2013

Масовните тајни програми за следење се закана за слободата на говор и за отвореното општество, напиша Едвард Сноуден во текст за германскиот магазин „Шпигел“. Тој смета дека постапил правилно со откривањето на тајните.

https://p.dw.com/p/1AAwL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сноуден, кој се соочува со обвиненија за криминал во САД за откривање на документи со назнака врвна тајна од американската Агенција за национална безбедност, вели дека систематското следење претставува глобален проблем за кој се потребни глобални решенија.

„Таквите програми не се закана само за приватноста, туку исто така се закана за слободата на говор и на отворените општества“, стои во текстот на Сноуден кој се појави во „Шпигел“. Според него, „постоењето на технологијата за шпионажа не треба да ги определува политиките“. Тој нагласува дека морална обврска е законите и општествените вредности да ги ограничат програмите за следење и да ги заштитат човековите права.

Магазинот информира дека текстот под наслов „Манифест за вистината“ бил напишан од поранешниот соработник на НСА пред два дена, на 01.11.2013 година, во Москва и бил испратен до канцелариите на „Шпигел“ преку енкриптиран канал.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama Symbolbild Lädiertes Bündnis
И германската канцеларка со години била следена од НСАФотографија: picture-alliance/dpa

Сноуден во текстот пишува дека со зборувањето вистина не се прави криминал. Тој смета дека повиците од прислушуваните државници да се воведе поголема контрола врз работата на државните разузнавачки агенции покажуваат дека тој правилно постапил, кога ги обелоденил методите и целите на американските тајни служби. Сноуден забележува дека дел од владите на почетокот започнаа „кампања на заплашување“ за да ја спречат дебатата за проблемот, преку закани до новинарите за судски процеси.

„Наместо да се предизвика штета, користа за општеството од новото јавно сознание сега е јасна, бидејќи се предлагаат реформи во политиките, во следењето и законите“, пишува 30-годишниот поранешен вработен во ЦИА и соработник на НСА. Тој смета дека општеството може да ги разбере овие проблеми преку отворена дебата со информации.

Неговите поддржувачи сметаат дека Сноуден е шампион во борбата за човекови права, а неговите противници него го сметаат за предавник, бидејќи украл информации од НСА, иако се согласил да ја почитува политиката на доверливост на податоците. Сноуден со тие документи најпрво побегна во Хонг Конг, а потоа и во Русија, каде доби азил на барем една година.