1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собранието на Македонија го донесе Законот за абортус

АТ/ миа10 јуни 2013

Собранието на Република Македонија го донесе по скратена постапка Законот за прекинување бременост. СДСМ не учествуваше во расправата и на гласањето. Гласањето за законот помина со еден глас против.

https://p.dw.com/p/18nFS
Фотографија: Sven Bähren/Fotolia

Собранието на Македонија го донесе по скратена постапка Законот за прекинување бременост.

Законот помина со еден глас против на пратеникот на Либералната партија Ивон Величковски. Тој во дискусијата рече дека со административни мерки се крои популациска политика и дека притоа се манипулира со религиозните чувства на населението, зашто се вплеткуваат и верските заедници.

„Овој закон не значи дека ќе го отстраните абортусот, туку стимулирате да се случува по шупи и гаражи и надвор од земјата. Наместо да се грижите за адекватна едукација на младите за заштита од несакана бременост, вие се залагате со административни постапки да направите нешто ново, сакате да го заболите здравото, со перфиден и суптилен обид да ја стигматизирате жената и да и’ наметнете чувство на вина. Тоа е тежок психолошки удар и тортура. Сметате дека тоа се поклопува со некои ваши морални и политички начела, но не сте свесни каква грешка правите. Демографија не се креира со закон, туку со добри услови за живот“, рече Величковски.

Нему му реплицираше министерот за здравство Никола Тодоров, кој му рече дека креира фиктивен проблем и со сите сили се брани тој да не се случи. Тодоров го праша Величковски зошто во 1995 година, кога тогашниот претседател на неговата партија, Стојан Андов, беше претседател на Собранието на РМ, не интервенирале кога се носеле измени на законот и во нешта кои сега се пренесуваат од стариот во новиот закон. Тодоров истакна дека законот е во функција на заштита на здравјето на жената.

„Задолжителното советување е дел од новиот концепт, кој е ист и во Германија, Холандија, Франција, во Белгија. Тој не е за да се премислува жената, туку ако се двоуми да и’ ги дадеме правите информации, а ако одлучила, да и’ помогнеме да го помине тој постабортивен период“, рече Тодоров.

Невладините организации, кои денеска протестираа пред Собранието, најавија дека за законот ќе поднесат претставка до претседателот Ѓорге Иванов, како и барање за оценка на уставноста.