1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност ги осуди самоубиствените напади во Дамаск

24 декември 2011

Највисокото безбедносно тело на Обединетите нации упати најостра осуда на самоубиствените бомбашки напади во главниот град на Сирија, Дамаск. Сириските власти за двата напада со автомобили бомби ја обвинуваат Ал Каеда.

https://p.dw.com/p/13Yni
Разурнатиот влез во седиштето на сириската разузнувачка служба кое беше цел на нападитеФотографија: Picture-Alliance/dpa

Советот за безбедност на Обединетите нации, покрај осудата, им изрази и сочувство на жртвите и нивните семејства и на сириското население. Во двата вчерашни (23.12.2011) напада со автомобил-бомби во главниот сириски град, загинаа најмалку 45 лица, а повеќе од 160 се повредени. Претставниците на земјите-членки во Советот, меѓутоа, повторно не можеа да се договорат за текстот на предлог- резолуцијата на ОН за насилството во Сирија.

Бан загрижен поради ескалацијата на насилството

Anschläge in Damaskus Syrien
Фотографија: dapd

Генералниот секретар на Светската организација Бан Ки Мун го повика режимот на претседателот Башар ал-Асад неодложно да го спроведе акцискиот план на Арапската Лига со кој треба да се осигура мир во земјата. Во четвртокот (22.12), еден ден пред нападите во Дамаск, во земјата допатува подготвителната мисија на Арапската лига за претстојното доаѓање на арапските набљудувачи.

Бан, во обраќањето пред Советот за безбедност, изрази длабока загриженост за ескалацијата на насилството во Сирија, во кое според информациите на ОН од март наваму загинале најмалку 5000 лица.

Потрага по организаторите

Во Сирија пак, во тек е потрага по организаторите на самоубиствените напади и нивните помошници. Очевидци јавуваат за бројни контроли на улиците и апсења во главниот град, Дамаск.

Сириското раководство смета дека одговорна за нападите е терористичката мрежа Ал каеда. Начинот и методот на спроведување на нападите ги носи сите знаци на Ал Каеда, велат безбедносните органи во Сирија.

Автор: Симе Недевски/ЕМФ/дпа/дв/ртр/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска