1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН едногласен во осудата на Северна Кореја

10 октомври 2006

Првата атомска проба извршена вчера изутрината од страна на Северна Кореја за претседателот на САД Џорџ Буш е закана за мирот во светот и за глобалната безбедност

https://p.dw.com/p/Ac2Z
Советот за безбедност на ОН
Советот за безбедност на ОНФотографија: AP

На итно свиканата седница Советот за безбедност на ОН наојстро го осуди севернокорејскиот атомски тест и го повика Пјонгјанг да се откаже од натамошни проби и да се врати кон шестпартитните разговори за спорната атомска програма. Американскиот амбасадор Џон Болтон беше задоволен од едногласниот став на Советот. „Целата дискусија во која учествуваа сите 15 членови на Советот траеше само 30 минути и тоа беше доволно за да се дојде до едногласна осуда на Северна Кореја. Никој не го бранеше нејзиниот потег, а најголемиот дел од говорниците искажаа подготвеност да работат врз основа на елементите од нацрт-резолуцијата што ја предложив“ – истакна Болтон.

САД ја поднесоа нацрт-резолуцијата само неколку часови по извршената подземна атомска проба. На интервенција на Јапонија текстот дури беше и заострен. Со резолуцијата, покрај другото, е предвидено ембарго за оруќје, како и забрана за трговија со стоки од воен карактер и со луксузни стоки. Инспектори треба да добијат овластувања да го контролираат целокупниот товар за Северна Кореја. Консултациите на експерти, започнати вчера, треба да продолжат денеска.

„Мислам дека треба да реагираме остро, но исто така верувам и дека и натаму е отворена вратата за дипломатско решение на проблемот“, рече кинескиот амбасадор во светската организација Ванг Гуангџа. Севернокорејскиот амбасадор Пак Гил Јон го бранеше атомскиот тест: „Тестирањето беше успешно и ќе биде голем придонес за одржување и гарантирање на мирот и стабилноста на корејскиот полуостров и во регионот“.

Американскиот претседател Џорџ Буш во меѓувреме веќе разговарал со шефовите на владите на Русија, Кина, Јужна Кореја и на Јапонија. Кога застана пред камерите, тој уште немаше дефинитивна потврда за атомската проба. „Работиме на проверување на тврдењата на Северна Кореја. Но, и самото тврдење веќе претставува закана за интернационалниот мир и безбедноста. Соединетите држави ја осудуваат оваа провокација“.

Буш побара неодложна реакција на Советот за безбедност, но и неприкриено ја предупреди Северна Кореја од директен судир со САД. Според него, таа земја веќе им продала ракетна технологија на Сирија и на Иран. Буш рече дека доколку Северна Кореја тоа го стори и со атомското оружје или со технологијата за негово производство, тоа ќе го смета за „тешка закана за САД“ и за такви акции „ќе ја сноси целосната одговорност“. Но, што би преземал американскиот претседател? „САД и натаму полагаат врз дипломатијата и ние и натаму ќе се штитиме себе си и своите интереси“ – рече Џорџ Буш.