1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за безбедност на ОН „шокиран“ од трагедијата во Кана

31 јули 2006

Под притисок на САД Советот се воздржа од осуда на Израел и најави дека итно ќе работи врз изнаоѓање трајно решение за либанската криза

https://p.dw.com/p/AdzC
Кризната седница на Советот за беёбедност
Кризната седница на Советот за беёбедностФотографија: AP

Шест часови му беа потребни на Советот за безбедност за да се усогласи околу текстот на соопштението. Генералниот секретар на ОН Кофи Анан на вонредната седница, свикана на барање на Либан, рече: „Мораме најостро да ја осудиме оваа акција и апелирам на сите вас да го сторите тоа. Најдлабоко сум вознемирен дека беа игнорирани моите досегашни повици за итен крај на непријателствата, со резултат дека умираат недолжни луѓе и страдаат цивили“.

Израелскиот амбасдор во ОН Дан Гилерман возврати: „Милицијата на Хезболах ги нанесува тие страдања. Хезболах е монструмот што вие дозволивте да стане толку моќен. Да се грижевте околу тоа, никогаш ова не ќе се случеше“

Во декларацијата што беше усвоена Советот за безбедност искажа „естремна шокираност и потресеност“ од трагедијата во Кана, но наместо осуда, што ја спречија САД, искажа „неодобрување“ на „загубата недолжни човечки животи и убивањето цивили во сегашниот конфликт“. Советот е „загрижен поради опасноста од натамошна ескалација на насилствата и последиците од тоа за хуманитарната ситуација“ и вети дека сега брзо ќе работи врз изнаоѓање трајно решение на либанската криза.

Русија и Франција по седницата изјавија дека претпочитале јасна осуда на израелскиот напад и барање за моментен прекин на огнот. Францускиот амбасадор Жан-Марк де ла Саблие ја поздрави најавата на Советот оти конечно ќе се ангажира и рече дека сега мора да се изработи нацрт-резолуција која ќе бара моментен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах и ќе ги содржи сите елементи за трајно решение на конфликтот. Со тие елементи мора да се согласат сите засегнати страни, вклучително Хезболах. Според де ла Саблие, нема никаква смисла испраќање меѓународни безбедносни трупи во Либан и разоружување на Хезболах, ако таа организација не се согласи со тоа.

Американскиот амбасадор во светската организација Џон Болтон, пак, го пофали израелското ветување за 48-часовен прекин на бомбардирањата, за да им се даде можност на цивилите да побегнат од јужен Либан.