1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Советот за евроинтеграции бележи застој во работата

27 мај 2009

Во годината кога Македонија очекува да добие датум за преговори за членство со Европската унија забележан е застој во работата на Советот за евроинтеграции.

https://p.dw.com/p/HyN0

Зачестените изборни циклуси во Македонија ја кочат работата на Националниот совет за евроинтеграции. Во наредните месеци ова тело клучно за евроинтегративниот процес на земјата ќе мора да го надомести застојот и забрзано да ги реализира поставените цели и задачи. Ова е оценката на НВО Инфоцентарот за работата на Советот за евроинтеграции и главната препорака за наредниот период. Советот за евроинтеграции треба да обезбеди високо ниво на континуирана политичка поддршка за евроинтеграцискиот процес, вели Биљана Бејкова од невладината организација Инфоцентар која спроведе мониторинг на работата на ова тело.

Советот ќе мора да работи побрзо

Оваа година е исклучително значајна за Македонија во насока на исполнување на условите за добивање препорака за датум за старт на преговорите, а Советот одржа едвај неколку седници и само една јавна расправа за најважните закони. Од друга страна листата на закони кои треба да се донесат е голема. Советот ќе мора да делува побрзо и да расправа по секој од нив, препорачуваат мониторите. Освен тоа се препорачува и побрзо екипирање на Советот, односно вработување на професионалците кои ќе бидат базата на ова тело. Невладините монитори ќе продолжат да ја набљудуваат работата на Советот, а во наредниот период ќе се анализира и квалитетот на дебатите кои се водат на седниците и подготвеноста на членовите.

Советот за евроинтеграции е тело кое во својот состав обединува собраниски владини и невладини претставници. Неговата задача е да обезбеди широка платформа за дискусија и да обезбеди консензус околу клучните прашања врзани за патот на Македонија кон Европската унија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска