1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Совет за безбедност за Израел

28 јули 2006

Советот за безбедност на ОН усвои заедничка изјава во која се изразува шокираност од израелското бомбардирање врз базата на светската организација во Либан во која загинаа четири лица. Изјавата, која сепак не содржи осуда на Израел ја прочита францускиот амбасадор Жан Марк де ла Саблие.

https://p.dw.com/p/AdzL
Од мисијата на ОН во Либан
Од мисијата на ОН во ЛибанФотографија: AP

Членките на советот за безбедност изјавија дека Израел мора во целост да се придржува кон меѓународните правила и да увери дека персоналот на ОН не е цел на напади. Советот за безбедност го повика Израел на целосна истрага чии резултати би биле јавно објавени.

Кинескиот амбасадор во светската организација Ванг Гуангја, чиј државјанин е еден од настраданите во нападот врз базата на ОН во Либан по седницата изјави:

„Мислам дека испративме јасна порака до земјите и различните региони дека позициите на Обединетите Нации и нивниот персонал мора да бидат заштитени„

Израелскиот амбасадор во ОН Ден Гилерман усвоената изјава ја оцени како „фер и урамнотежена„ Тој повторно го критикуваше генералниот секретар Кофи Анан заради неговите изјави дека Израел намерно го извршил нападот. Во војни се случуваат грешки и трагедии, вели Гилерман:

„ Војната е грда работа. Во нив постојано се случуваат грешки и трагедии„ рече Гилерман и додаде:

„Во оваа многу деликатна ситуација е потребна многу поголема професионалност, посветеност и добро опремени сили со јасно определен мандат„