1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соживотот – услов за иднината на Струга

Милчо Јованоски4 април 2013

Кандидатите за градоначалник на Струга Зијадин Села од ДУИ и Владимир Кочоски од здружениот македонски блок на терен се борат за секој глас. Стружани од идниот татко на градот бараат да создаде услови за подобар живот.

https://p.dw.com/p/189IX
Фотографија: Milco Jovanoski

Струга е преокупирана  со прогнозите околу вториот изборен круг. Партиските шеми го поделија населението,строго етнички до шекспировското „Да се биде или не?“ Сега ставовите, како да ретерираат. И Македонците и Албанците  согласни дека им треба градоначалник  која нема да остварува партиски, туку локални агенди. Без разлика кој ќе е на власт – животот во градот мора да продолжи.

Граѓаните  се против поделби и ќе гласаат за мирен живот

„Струга, последниве години многу назадуваше. Од туристички град се претвори во обично село. Од урбанистички и многу други аспекти проблемите не се решаваа ,туку само се напластуваа. Улиците раскопани. Хигиената во градот беше катастрофална,“  вели новинарот Мехмет Латифи. На иста маса со него во едно од кафулињата во струшката чаршија која одамна го изгуби епитетот стара седи неговиот пријател 76 годишниот фармацевтот Анастас Дуни. Го прошетал светот, ама признава дека е патолошки вљубен во родниот град. „Јас сум човек од чаршијата. Роден во мешана маала. Го владеам турскиот јазик, бидејќи татко ми беше трговец , зборувам  и албански. Така лесно комуницирам со сите луѓе. Јас сум Македонец од влашко етничко потекло. Тоа го научив во САД. Таму сите прво  се претставуваат како Американци, па потоа го кажуваат своето етничко  потекло. Такво нешто, треба да се случ и во Македонија“, нагласува Дуни.

Anastas Duni und Mehmet Latifi, Bürger Struga
Анастас Дуни и Мехмет ЛатифиФотографија: Milco Jovanoski

„Граѓаните не ги интересира високата политика. Сакаат децата да им учат во училишта каде што ќе имаат греење,а не на часови да се со капути. Народот сака да се чуствува сигурен, а во Струга не можеш да се чувствуваш сигурен кога ученик излегува од училиште и е избоден од човек кој не е ученик. Со ова ниту еден граѓанин на Струга не се согласува. Независно дали е Ром, Албанец, Македонец, Турчин, Влав ...“, објаснува Латифи.

Гласачите на ПЕИ ќе одлучат во Струга?!

И двајцата кандидати, докторите Кочоски и Села во недела очекуваат победа и имале  лек за хронично „болната Струга“. За разлика од првиот круг, сега чекаат гласови и од оние што гласале за спротивниот табор. По примерот на Албанците и Македонците од дијаспората органзираат бесплатен превоз за гласањето. На контото на Села, веќе се сигурни гласовите на кандидатот од ДУИ, кој отпадна по првиот круг. И едните и другите претендираат да ги освојат гласовите на Македонците муслимани. Тој дел од електоратот е под контрола на ПЕИ, партијата на Фијат Цаноски кој коалицираше со ДУИ. „Нивниот глас ќе е пресуден. Тоа се гласачите од Лабуништа, Подгорци, Октиси и други места. Во изборите на крај се важни бројките, а не зборовите“, вели Латифи.

Што ги иритира Албанците,а од што се плашат Македонците?

Албанците во Струга најмногу ги мачи непринципиелната политика. Во последниве 4 години  немаше ниту една инвестиција од владата, а дел од даноците и другите приходи завршуваа во спомениците во Скопје. Тоа многу не иритира, велат тие. Освен на етнички тоа се манифестира и на верски план, народот е најмногу чувствителен на тој план. На пример, поставувањето на разни обележја само од една вера, а другите се заборавени. Македонците пак се плашат од процесот на мајоризација и тоталното преминување на бизнисите само кај Албанците. Додека тивко шепотиме за нашите проблеми, не е на арно, велат некој од нив.

Dorfzentrum Labunista bei Struga in Mazedonien
Центарот на ЛабуништаФотографија: Milco Jovanoski

„Пораката од Струга “ – поттик да оладат вжештените глави

Меѓу двата круга, во медиумите  осамна анонимната „Порака од Струга“. Таа ја отслика реалноста за соживот во градот и како да ги олади, дури и партиските вжештени глави. ДВ го пронајде авторот.Тоа е младиот дипломиран економист Васил Ашталкоски, претседател на невладината „Аква “ од Струга. „Писмото беше моја реакција на случувањата околу кандидирањето на градоначалници на Струга и повиците за обединување во македонскиот блок. Сметам дека тоа не е иднина на долг рок за овој град. Сакав да видам дали  има и други луѓе кои размислуваат како мене, а можеби немаат доволно храброст да го кажат тоа, плашејќи се од ризикот да бидат погрешно разбрани. Ги повикав сите граѓани да го казниме нередот и неправото, кое во досегашното владеење со Струга беше присутно.Генерално немаше лоша реакција на тоа.“

Струга нема да ја поделиме со ѕид

Ашталкоски е категоричен: „Оној што ќе биде нов градоначалник на Струга или ќе се посвети на тоа реално обединување на Струга и ќе биде градоначалник на сите или ќе ризикува да заврши како досегашниот градоначалник. Токму досегашната локална власт е казнета од Албанците. Таа пропушти историска шанса да владее со Струга  во следниве 50 години, бидејќи беше поддржан и од македонски гласачи. Лично очекувам дека ќе го додржиме соживотот. Тој континутет е услов без кој не се може. Немаме друга патека. Во Струга не можеме да изградиме ѕид на главната улица и да се поделиме лево и десно. За разлика од политиката поделбите и проблемите,како граѓани  ги преживеавме далеку поздраво. Во тоа многу голем напор ќе треба да вложи новата локална власт, смета Ашталкоски.

Vasil Astalkoski, Präsident der NGO "Aqua", Struga
Васил АшталкоскиФотографија: Milco Jovanoski