1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Солидарниот данок создава грижи

Мартин Кох/ Жана Ацеска23 јули 2013

Германската владина коалиција спори околу иднината на солидарниот данок за покраините од поранешна ГДР по 2019 година. Дали да продолжи или да биде укинат, а парите да бидат употребени во посиромашните германски општини?

https://p.dw.com/p/19D5d
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред повеќе од дваесет години со големо славје Германија доживеа повторно обединување. За да му се помогне на помалиот и економски послабиот источен дел, беше воведен дополнителен данок за сите граѓани, кој треба да се плаќа до 2019. година. Но, сега се разгоре спор околу овој данок во обединетата земја.

За некои градови и општини во новите германски покраини бајката стана реалност, тие процветаа благодарение на широкоградата парична помош. Но, одамна не се сите воодушевени од солидарниот данок: Сојузот на даночни обврзници сака негово укинување, коалиционата партија во владата, Либералите, исто така. Канцеларката Ангела Меркел од Христијанско-демократската унија меѓутоа сака данокот да остане и влезе во јасна конфронтација со помалиот коалиционен партнер. Пред парламентарните избори, ова стана конфликтна тема.

Помош во обновата со рок на истекување

Федерацијата годишно прибира околу 13 милијарди евра преку солидарниот придонес. Се работи притоа за дополнителен данок на приходите. На почетокот тој изнесуваше 3,75 проценти, потоа порасна на 7,5 насто, а од 2005 година - 5,5 проценти. Парите меѓутоа не одат во посебна сметка, туку се слеваат во сојузниот буџет, од каде, пак, се делат на градовите и општините во источниот дел. Откако во 2004 година стана јасно дека источните општини не можеа да го стигнат нивото на западните, Солидарниот пакт беше продолжен од 2005 до 2019 година. Во меѓувреме меѓутоа и во западните покраини постојат општини и градови на кои економски не им оди добро. Посебно драматична е состојбата во Рурската област, како Оберхаузен, Дуисбург или Гелзенкирхен. Поради тоа покраинската премиерка на Тирингија, Христине Либеркнехт, го обнови предлогот на раководителот на Заедницата на градови и општини, Герд Ландсберг: посебната давачка по 2019 година треба да продолжи како „Германски фонд“ и собраните пари да им бидат на располагање на регионите кои имаат потреба во целата земја. Канцеларката Меркел ја поздрави оваа идеја. Но, нејзиното спроведување не е едноставно - солидарниот данок не може да биде пренаменет, туку на пример укинат и на негово место воведена нова давачка, за која пак треба да се изјасни Бундестагот, при што Бундесратот, Домот на покраините, има право да ја блокира.

Reiner Holznagel
Рајнер ХолцнагелФотографија: picture-alliance/dpa

Данок без солидарност

Сојузот на даночните обврзници уште сега ја критикува давачката во сегашната форма како неправедна. До 2017. година државата ќе собере 700 милијарди евра данок, па време е да се воздржи од парите од солидарниот придонес, вели претседателот Рајнер Холцнагел во интервју за Дојче веле: „Тоа би бил фантастичен придонес за стабилизирање на внатрешната конјуктура, како и на граѓаните да им се остави слободен простор да се погрижат за финансиското обезбедување на старост“.

Освен тоа, во овој солидарен придонес остана малку солидарност, вели Холцнагел: „Федерацијата собира речиси 14 милијарди, а натаму распределува околу 10 милијарди евра. Тоа значи ние се солидаризираме со министерот за финансии повеќе отколку што ги помагаме источните градови и општини“.

Значи, уште одамна парите од солидарноста со Истокот не стигнуваат до него. Освен тоа, овој данок го уплаќаат и граѓаните од источниот дел, односно тие се солидарни самите со себе.

Lothar Binding
Лотар БиндингФотографија: privat

Паметна идеја

Канцеларката Ангела Меркел сака да го задржи данокот за солидарност и во иднина парите да ги употреби за обнова на сообраќајната инфраструктура - патиштата и железничките пруги и тоа во цела земја. Освен тоа, во следниот мандат треба да започне отплатата на главницата на долговите на државата, па не е можно откажување од овие 13 милијарди евра. Во оваа точка опозиционите Социјалдемократи се согласуваат со неа. Солидарниот данок е добра, кон тоа и социјалдемократска идеја, вели портпаролот Лотар Биндинг:

„Тоа е паметна идеја зашто оние со помали приходи не треба да го плаќаат, што е праведно“. И Заедницата на градови и општини ја поздрави опцијата за продолжување на вонредната давачка: „Луѓето со право очекуваат подобри училишта, повеќе наставници, добри улици, што не е можно со малку пари“.

Контра ставови

Во разгорената дискусија се слушнаа поинакви гласови од неочекувана страна: заменикот-претседател на пратеничката група на Левите во Бундестагот, Дитмар Барч, предупредува:

„Не ни треба алатка за изборна кампања, туку сериозна дискусија по изборите за нов солидарен данок“.

Кога солидарниот данок беше воведен кратко по обединувањето во 1991. година, беше прв пример на наменска вонредна давачка. До 2019 година има доволно време да се одлучи - што понатаму со солидарниот данок.