1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомневањата во полот се расизам?

26 август 2009

Јужноафриканката Кастер Семенија, носител на златен медал во трката на 800 метри на СП во атлетика во Берлин, во родната земја е пречекана воодушевено. Сомневањата дали навистина станува збор за жена се наречени расизам.

https://p.dw.com/p/JIgc
Семенија е жена, тврдат во Јужноафриканската РепубликаФотографија: picture-alliance / Newscom

Френетичен пречек на аеродромот, песни и марширање на навивачите, исклучително политизирана атмосфера. Илјадници луѓе дојдоа на повик на Женската лига и на Лигата на млади, на владеачката партија, синдикатите, спортските здруженија и организациите за заштита на човековите права, за да ја поддржат Семенија, нивниот херој. Политичките професионалци, како Вини Мандела, не ја пропуштија ваквата шанса:

„Никој нема да врши некакви тестови на нашето девојче. Во нашата земја веќе надминавме бројни тешкотии. Не не‘ чепкајте, не се осмелувајте да не’ навредувате и да го користите нашиот народ за тоа.“

За подгревање на атмосферата подиумот го искористи и Јулиус Малема од Здружението на младите: „Ние сме родени за победа, го совладавме најбесмислениот режим на светот, а ова ќе биде нашата следна победа.“

Deutschland Südafrika Leichtathletik WM Caster Semenya
Фотографија: AP

Семенија е жена, а сомневањата се расизам

За Вини Мандела, Јулиус Малема и половина од Јужноафриканската Република нема дилема - Кастер Семенија во Берлин стана жртва на расистички заговор на белците, зашто светот не може да поднесе кога Африка победува. Сите крунски сведоци беа тука: бабата Секгала, мајката, таткото. И школската пријателка Боитумело Танча се заколна: Кастер е девојче: „Толку ме лутат овие обвинувања, оти јас знам дека таа е девојче. Можам тоа да го докажам. Еднаш бевме заедно на натпревар во едно друго училиште. Заедно бевме во бањата, стоевме под ист туш. Ги видов доказите, таа е девојче.“

Скандал од државни размери

Шпекулациите околу полот на светската првенка, која остава впечаток како да е машко, станаа скандал од државни размери. Поднесена е жалба до Комисијата за човекови права на ОН, во знак на протест, Јужноафриканската Република го стави во мирување членството во Меѓународната атлетска федерација и од неа бара извинување. За збор се јави дури и Јакоб Зума, претседател на Јужноафриканската Република: „Една работа е да се расчисти дали некој атлетичар имал нефер предност или не. Но, сосема друга работа е јавно да се понижува искрен и компетентен спортист.“

Jacob Zuma ANC
Јакоб ЗумаФотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот Зума ја охрабри Карстен Семенија: „Горди сме на тебе, те сакаме, и нема да дозволиме да не‘ одвратат од заслуженото победничко славје.“

Карстен Семенија целиот ден ги слушаше славењето, прашањата на новинарите, тирадите на политичарите. Немо гледаше во шумата од микрофони пред неа, се чинеше дека сака да е далеку од целата оваа бркотница. Дури во резиденцијата на претседателот го крена гласот: „Што да речам? Супер е да се освои златен медал и тој да се донесе дома.“

Таа не дозволи никому да фрли поглед во светот на нејзините чувства. Остава впечаток како малку несигурна тинејџерка на која и’ треба заштита - иако со невообичаено длабок глас.

Автор: Клаус Штекер / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска