1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сомнежите за нападите во Бостон врз домашниот тероризам

Бенџамин Најт/Борис Георгиевски17 април 2013

Првото прашање кое им се наметна на американските граѓани по нападите во Бостон беше дали е тоа дело на исламските терористи? Аналитичарите сметаат дека поверојатно е одговорноста да лежи кај домашни терористи.

https://p.dw.com/p/18H7j
Фотографија: Reuters

Среде хоророт и хаосот од нападот во Бостон, еден американски ТВ новинар се концентрираше на еден особен инцидент. Репортерот на Си-Би-Ес Џон Милер на гледачите им го раскажа случајот на саудискиот граѓанин кој бил запрен од гледачите веднаш по експлозијата на бомбата.

„Некој го забележал како бега. Се разбира, секој нормален човек би бегал. Но еден цивил го забележал како бега, го стигнал, го турнал на земја и и‘ го предал на полицијата. Лицето било притворено и имало изгореници. Тоа значи дека лицето било во близина на експлозијата, но не толку блиску за да се здобие со посериозни повреди“, рече Милер.

Станува збор за 20-годишен саудиски државјанин. Тој бил приведен и испитуван од страна на полицијата, која го опишува како „кооперативна личност која отфрлала вмешаност во нападите“. И покрај тоа, медиумите јавија дека полицијата извршила претрес на неговиот стан. Лицето не било уапсено ниту обвинето, но инцидентот во преден план кај секој Американец го става прашањето: дали ова беше дело на муслимански терористи?

Сличности со нападот во Атланта

Првичните индиции се дека не е. Прво, затоа што и полни 24 часа по експлозијата никој не ја презел одговорноста за нападот. „Тоа укажува на можноста дека ова најверојатно е домашен, а не меѓународен тероризам“, вели Пол Роџерс, консултант за безбедност во тинк-танкот „Оксворд рисрч груп“. „Можно е да е сличен случај како бомбашкиот напад во паркот во Атланта за време на Олимписките игри во 1996 година“.

USA Anschlag Boston Marathon Ermittlungen Rucksack
Откриена торба во која се наоѓала една од бомбитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/FBI

Весникот Њујорк Тајмс исто така забележа дека експлозивната направа користена во Бостон е слична на бомбата користена во нападот во Атланта во кој загинаа две лица, а повеќе од 100 беа повредени.

Адам Монтела, професионален консултант за безбедност се согласува дека е малку веројатно во нападот да се инволвирани странски терористички групи. „Сите индикатори наведуваат на тоа, а и јас имам такво чувство. Историски погледнато, странските терористички групи многу брзо ја преземаат одговорноста, но тие нема да преземат одговорност за нешто што не е нивно дело. Тие имаат своја ПР машина исто како и секоја друга компанија“, вели Монтела. Од друга страна, осамени бомбаши, како Тед Качински, најчесто не преземаат одговорност. Монтела вели дека во САД постојат десетици домашни терористички групи кои би можеле да стојат зад нападот.

Многу мотиви

„Може да биде се’, од верски организации до секакви политички и социолошки организации. Порано имаше строга контрола врз нив, но во последно време се фокусиравме повеќе на меѓународниот тероризам и подзаборавивме на овие идиоти“, вели Монтела. Иницијалната каписла за нападите, според експертот, може да се бара во повеќе настани. „Вчера беше Ден за данокот во САД, се славеа и Денот на патриотите и Денот на револуцијата во близина на Бостон. Постојат многу аспекти од кои можат да се влечат паралели“, смета експертот.

Иако и претседателот Барак Обама и безбедносните служби во првите моменти одбегнуваа да го користат зборот „тероризам“, нема сомнеж дека властите реагираа како земјата да е нападната. Веднаш беше креирана зона на забранети летови над Бостон, а широки безбедносни мерки беа преземени и во Њујорк и во други градови. За експертот тоа е нормална реакција.
„Тоа е стандардно, особено во големите градови. Од 11 септември имаме далеку покоординирано планирање за справување со вакви ситуации. Веднаш се преземаат мерки на претпазливост, дури и ако нема никакви докази дека нешто може да се случи“.

USA Anschlag Boston Marathon Explosion
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Подготвеноста за реакција е подобрена и во САД и низ целиот свет. Во САД ги развивме ткн. заеднички центри во кои не само безбедносните служби, туку и пожарникарски и лекарските служби споделуваат информации на дневна база“, вели Монтела.