1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wahl Afghanistan

21 август 2009

Авганистанците гласаа, и покрај нападите и маневрите за попречување на изборите од страна на талибанците и други востаници. Големо беше олеснувањето дека изборите сепак се одржаа. Но, колку тие беа легални?

https://p.dw.com/p/JFsa
Хамид Карзаи на гласачко местоФотографија: AP

Ситуацијата на денот на изборите била нормална, велат во авганистанското министерство за одбрана. Радо би сакале да веруваме. Радо би сакале да бидеме уверени дека во лабилната земја под Хундукуш може да се одржи барем симулација на демократија, како чекор кон кога било вистински демократски односи, кон мир и благосостојба за сите Авганистанци. Навистина, избирачите на многу места сосем мирно чекаа во ред за да го изберат наредниот претседател и нови локални органи, и покрај заканите од востаниците, кои немаат интерес од стабилност на земјата. Ваквата слика секако и’ се допаѓа на авганистанската влада, која уште во предигра на изборите јасно кажа дека не е дозволено известување за насилство на денот на гласањето, и оти тоа дури и ќе биде казниво.

Но, во други делови на земјата има поинакви слики. Во предвечерието на изборите, од еден реон, кој е цврсто во рацете на талибанците, беа истрелани ракети врз градот Кундус на северот на Авганистан. Од таму милитантите веќе подолго време ги ставаат под притисок германските војници од составот на меѓународните трупи. Од таму тие го тероризираат домашното население. За обезбедување на изборите беа ангажирани околу 200 илјади припадници на домашните, како и 100 илјади од странските сили за безбедност. Кога е нужен олкав ангажман за обезбедување на изборите, тогаш не може да се зборува за нормални околности; уште помалку, кога и покрај толкавиот ангажман, не беа спречени нападите.

Насилството ја прекри другата опасност, која се надвисна над изборите: измамата на избирачите. Во некои делови на Авганистан избирачките места останаа затворени, и тоа не само во јужните упоришта на талибанците. Други, пак, навистина, беа отворени, но во нив немаше набљудувачи на гласањето. За јавноста останува непознато што се случува во тиа црни дупки при гласањето и пребројувањето на гласовите.

Wahlen Afghanistan 2009
Фотографија: DW

Прекор кој се базира врз гласини и контрагласини

Неправилности имаше и при претходните претседателски избори во 2004 година. Овој пат станува збор за вистинска измамничка машинерија. Велат дека пред се’ актуелниот неомилен претседател Хамид Карзаи има интерес за победа со сите средства веќе во првиот круг, оти втор круг на гласање би бил премногу ризичен за него. Како и многу други работи во Авганистан, и овој прекор се базира врз гласини и контрагласини. Но, има и индиции. Се чини, цутел пазарот за избирачки легитимации. Се чини, и деца биле ставани на избирачките листи, и тоа токму од соработници на комисијата, која требаше да го гарантира регуларното одржување на изборите. Сето тоа им дава сила на сомневањата за тоа колку фер и транспарентни беа изборите и ја поткопува и онака минималната доверба во авганистанската држава. Ако се потврдат сомневањата во веродостојноста на ова гласање, тогаш тоа може да биде почеток на крајот на експериментот за демократија во Авганистан.

Автор: Сабине Матај / Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска