1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработка наместо конфликт на Косово

Бахри Цани/бг2 април 2013

Србите на Косово се поделени. Оние на северот сакаат да останат во рамките на Србија, додека останатите ја признаваат косовската влада и немаат ништо против интеграцијата

https://p.dw.com/p/187ih
Фотографија: Carsten Koall/Getty Images

Неретко владата во Белград отворено ја признава поддршката за Србите на северот на Косово. Претставниците на Србите од другите делови на Косово, поради тоа, се чувствуваат заборавени од Белград. „За Белград се важни само Србите на северот“, се жалат тие понекогаш. За разлика од нивните сонародници од северот, овие Срби соработуваат со косовските власти и си го бараат своето место во независно Косово.

Во поранешната српска провинција живеат околу 136 илјади Срби. Само една третина од нив живее северно од реката Ибар во четири општини: Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан. Тие отфрлаат секаква соработка со власта во Приштина и се залагаат за сојуз со Србија.

Големо мнозинство од Србите, околу 100 илјади, живеат јужно од реката Ибар. И таму многумина се против косовските институции. Но веќе осум години, Србите од овие региони редовно учествуваат на локалните и парламентарните избори во земјата. Српските партии во моментот имаат 15 пратеници во косовскиот парламент. Либералите се дел и од владејачката коалиција и имаат три министри во владата на Хашим Тачи.

„Одлуката да учествуваме на косовските избори за нас не беше лесна. Но сакавме да преземеме одговорност за решавање на нашите проблеми. Од денешна перспектива е јасно дека тоа беше исправна одлука од наша страна“, вели Слободан Петровиќ. Тој е претседател на Независната Либерална партија (СЛС) и еден од петте заменици на косовскиот премиер.

„Последниве години изградивме многу нови улици, канализација, водоводна мрежа... Се отворија стотици работни места и се изградија стотици куќи и станови за Србите. Треба уште многу да се направи, но досегашното искуство покажува дека тоа беше вистинскиот пат“, вели Петровиќ.

Патриоти и предавници

За Србите од северот, како и за многу партии во Србија, овие Срби се „предавници“. Владата во Белград им дава далеку поголема поддршка на Србите на северот, отколку ним.

Slobodan Petrovic stellvertretender Premierminister im Kosovo
Слободан ПетровиќФотографија: DW/B.Cani

„Секако дека посакуваме да имаме најдобри можни односи со Белград, но тие во моментов не се добри. Белград не не смета за еднакви со Србите од северот“, тврди Петровиќ.

Петровиќ е член и на косовската делегација која денеска (02.04) ќе учествува на осмата рунда преговори меѓу Белград и Приштина за односите меѓу двете земји. Петровиќ верува дека во Белград и Приштина има доволно мудри политичари кои ќе ја искористат „историската шанса за нормализација на односите“.

„Мислам дека односите меѓу Белград и Приштина ќе се подобруваат, а еден ден тие односи ќе бидат најдобри во регионот. Иднината лежи во интеграцијата, а не во етничките поделби“, вели Петровиќ.