1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојба на тревога и во нуклеарката Онагава

13 март 2011

Високите вредности на радијација кај уште една атомска централа во Јапонија, ги принудиле властите да прогласат состојба на тревога, соопшти Меѓународната Агенција за Атомска Енергија. Станува збор за нуклеарката Онагава

https://p.dw.com/p/R8sl
Нуклеарката ОнагаваФотографија: Nekosuki600 - sa

„Јапонските власти ја информираа Меѓународната агенција за атомска енергија дека е прогласен најнозок степен на тревога кај нуклеарната централа Онагава од страна на компанијата која управува со неа Тохуку Електрик Пауер Компани“, соопшти денеска агенцијата со седиште во Виена. Тревогата е прогласена како последица на степенот на радијација во околината на централата кој го надминувал дозволеното ниво, се вели во изјавата на МААЕ. Јапонската агенција за нуклеарна безбедност во меѓувреме соопшти дека нема проблем со системот за ладење на реакторите во нуклеарката Онагава и оти таа функционира добро. Повисокиот степен на радијација, според јапонската агенција се должи на истекувањето на радиоактивност од друга нуклеарка во соседната префектура.

Тешки проблеми во Фукушима Даичи

Fukushima 2011 Karte Überblick Lage Japan
Фотографија: DW

Медиумите јавуваат дека e загрозен и трет реактор во нуклеарката Фукушима Даичи која беше тешко оштетена од земјотресот и цунамито.Техничарите во компанијата која управува со атомската централа Фукушима Даичи се подготвуваат да впумпаат морска вода и во реакторот број 2, откако и кај него се појавиле проблеми со системот за ладење, јави новинската агенција Јији повикувајќи се на извори во компанијата Токио Електрик Пауер . Таа веќе пумпа морска вода на реакторите 1 и 3 во обидот да спречи целосно топење на реакторските јадра. Портпаролот на владата на Јапонија Јукио Едано во меѓувреме ги отфрли извештаите дека дошло до топење на јадрото во реакторот 3, иако само неколку часа претходно истакна дека не може да се исклучи помало топење.

Последиците се несогледливи

Во последната изјава тој се обиде да ја смири јавноста:
„Сметаме дека ситуацијата во реакторот број 3 може да се стави под контрола. Се обидуваме да го намалиме притисокот во внатрешноста на реакторот. Ако го испуштиме воздухот и впумпаме морска вода, би можеле да го стабилизираме. Притоа се ослободува радијација, но сепак не постои опасност за здравјето на луѓето.“
Според многумина експерти, ова се очајнички обиди да се спречи најлошото. Од подрачјето околу централата Фукушима, во меѓувреме, се евакуирани 170 илјади луѓе, а на некои места во регионот е измерена радијација 400 пати поголема од дозволената.
Доколку дојде до целосно топење на јадрата на реакторите, се создава високорадиоактивна течност која веќе не може да се контролира и во најлош случај може да се очекуваат последици како оние по катастрофата во нуклеарката Чернобил во 1986 година.

Автор:СН/ЕМФ/ртр/дпа

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема