1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија: По самитот остануваат домашните проблеми

Рајна Бројер
16 мај 2018

Софија е под рефлекторите на медиумите поради самитот ЕУ-Западен Балкан. Иницијативата на Бугарија посветена на соседството наидува на поддршка и од бугарските граѓани. Но, тие укажуваат и на домашните проблеми.

https://p.dw.com/p/2xmjw
Bulgarien Sofia Tagungsort des EU-Gipfels
Фотографија: DW/R. Breuer

Знамињата на Бугарија и на ЕУ се виорат на секој агол, ечи гласна музика, парковите во Софија мирисаат на свежо косена трева. Под мотото „Европа танцува“, градот организира прослава во центарот, една од многуте деновиве. Тоа е дел од атмосферата пред самитот на Европска унија и на Западен Балкан кој почнува во четврток (17 мај). Тоа е кулминација на бугарското претседавање со Унијата, а за премиерот Бојко Борисов е најголема можна сцена.

За многу луѓе во Бугарија во прашање е едно шоу на нивните политички претставници со многу гламур и мали конкретни очекувања, барем кога станува збор за бугарските проблеми. Но, што се однесува до напорите на Софија да ги поттурне државите од Западен Балкан кон членство во ЕУ, тука постои поддршка како од граѓаните на Бугарија, така и од Брисел.

Поддршка за иницијативата на Софија

Бугарија ова полугодие, во кое преседава со Унијата, го започна со мотото „Единството нѐ прави силни“ и тука не се мисли само на разнишаната кохезија на земјите членки на ЕУ, туку и на потребата за интеграција на соседството во ЕУ. Се чини дека пораката стигна до најважните уши во Брисел. Кога стапи на функцијата шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во 2014 година прогласи своевидно ембарго за проширување на ЕУ во брзо време, а сега токму тој е оној кој ѝ пружа силна поддршка на официјална Софија.

Bulgarien Sofia  Plakat des EU-Gipfels
Фотографија: DW/R. Breuer

Повеќе:

-Софија - Силиконската долина на жените

-Скопје и Атина во фазата „Повикај пријател!“

-На Самитот во Софија му се заканува дебакл поради Косово

Во Стратегијата за Западен Балкан е спомената 2025 година како можно време за пристапување на Србија и на Црна Гора - за волја на вистината со подоцнежна задршка дека станува збор за ориентациски или дури мотивациски датум. Црна Гора отвори 33, а Србија 12 од 35 поглавја. Пристапните преговори со Македонија и Албанија конечно би требало да започнат налето. 

Граѓаните на Софија со кои разговараше ДВ главно ја поздравуват политиката на Бугарија кон балканското соседство. „Навистина во историјата меѓусебно се боревме, време е да се обединиме и да влечеме на иста страна. Мислам дека на Европа ќе ѝ оди добро ако на Балканот владее мир“, вели Петар Кременски (33).

Борисов во проблеми

Од друга страна, бугарската Влада е соочена со критики поради случувањата во сопствената земја. Истражувачката новинарка Катја Илиева вели оти демонстративната отвореност кон европската идеја не ѝ одговара на ситуацијата во земјата. Репортери без граници, потсетува, ја ставија Бугарија дури на 111. место според слобода на медиумите. „Оние кои се на власт се слепи и глуви за овие критики. Сите вакви самити служат за медиумска кампања во нивен интерес“, критикува Илиева во разговорот за ДВ.

Bulgarien Sofia Katya Ilieva Journalistin
Катја ИлиеваФотографија: DW/R. Breuer

Претседателствувањето со ЕУ во голема мерка го одреди однесувањето на власта во предходните месеци. Кога Бугарија ќе заврши со претседавањето на 30 јуни, кога ќе се изретчат меѓународните гости, а камерите на глобалните медиуми ќе се преселат на друго место, многу Бугари се надеваат дека власта конечно ќе им се посвети на домашните проблеми, од корупцијата до сиромаштијата.

Тоа би можело да биде непријатно за Бојко Борисов. Неговата владина коалиција е во меѓусебни расправии, речиси секојдневно се слушаат критики за Борисов и неговата партија ГЕРБ како и за претседателот Румен Радев, а опозициските социјалисти бараат оставка на владата. Во Софија во наредните денови ќе биде раздвижено поради европскиот самит, а потоа ќе следи врело политичко лето.