1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите останаа на власт во две германски покраини

18 септември 2006

Германската социјалдемократска партија успеа да остане најсилна политичка сила во покраините Берлин и Мекленбург Предна Померанија. По вчерашните избори таа може да бира меѓу повеќе помали коалициони партнери.

https://p.dw.com/p/Ac38
Клаус Воверајт останува шеф на покраинската влада за Берлин
Клаус Воверајт останува шеф на покраинската влада за БерлинФотографија: AP

И покрај тоа што загуби 10% од гласовите во споредба со изборните резултат пред пет години, СПД останува на власт во покраината Мекленбург Предна Померанија. Премиерот на покраинската влада Харалд Рингсторф по објавувањето на првичните резултати, според кои СПД освоила 30,2%, оцени:

„Пред изборите рековме дека ќе влеземе без спогодба за идна коалиција. Како што сега стојат работите успеавме да оставриме една од главните цели, а тоа е да станеме повторно најсилна партија. Има и тесно мнозинство за продолжување на црвено-црвената коалиција.„

За тешката загуба Рингсторф ја обвини слабата поддршка од неговата партија на сојузно ниво.

Главниот предизвикувач Јирген Зајдел од Христијанско демократската унија призна дека неговата партија не успеала да стане најсилна партија, иако освои 28,8 проценти:

„Тоа беше многу тесен резултат. Сакам да нагласам уште еднаш моја цел беше да ја сменам од власт црвено црвената коалиција во Мекленбург Предна Померанија.„

Од помалите партии: Партијата на левицата исто забележа мало подобрување во однос на претходните избори со 16,8%, додека Либералите остварија историски 9,6 проценти. Историски затоа што цели 12 години не беа воопшто застапени во покраинскиот парламент во Шверин. За прв пат во историјата во него ќе седат и претставници на десно кестремната НПД, која освои 7,3% од гласовите. Тоа е втора покраина во која оваа партија влегува во парламентот.

Во Белин пак ситуацијата беше многу појасна. Актуелниот премиер на покраинската влада Клаус Воверајт од СПД ја доведе партијата до 30,8%:

„Се радувам што победивме, тоа е заслуга на многу Берлинчани кои ни ја подарија довербата бидејќи забележаа оти последниве пет години водевме добра политика.„

Воверајт во оваа прилчика не се изјасни дали ќе ја продолжи црвено црвената коалиција со партијата на Левицата. Таму како можен коалицоонен партнер се нудат и Зелените кои забележаа цели 13,3%. Голем губитник на изборите во Берлин се христијанските демократи, кои освоија само 21,5%. Главниот кандидат Фридберт Пфлигер не место да го признае поразот, оцени:

„Црвено црвената влада драги пријатели е сменета. Тие изгубија 20% во источните региони, а 10% во целата покраина. Тоа е јасно негативни изјаснување на Берличани за сегашната покраинска влада.„

Шансите неговата ЦДУ да се најде во новата влада се за сега мали.