1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалните мрежи - нова шанса за мирот

Милчо Јованоски18 јули 2012

Група млади во Струга истражуваа како социјалните мрежи да се употребат во промоција на мирот. Разговараа за опасностите и добрите страни и заклучија дека за некого мрежите истовремено се и ризик и прозорец кон светот.

https://p.dw.com/p/15ZMQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јулска  квечерина во Струга. На кејот од реката Црн Дрим „стопени“ со бројните летувалци лесно ги наоѓам учесниците на работилницата посветена на „Новите социјални медиуми – предност или пречка за мировна работа“. Ги препознавам по жолтите маички на кои пишува „Мир“ и доминира белиот гулаб со маслиново гранче. Се мешаат јазици: македонски, српски, полски, германски, албански, англиски. Кевин Борхерс, од невладината организација „Форум Цивилен Мировен Сервис“ со седиште во Скопје, е „виновникот“ што сум тука:  „Преку овој проект се обидовме да најдеме начини како да го промовираме мирот преку социјалните медиуми. Разговаравме за опасностите и за добрите страни на социјалните медиуми и направивме четири куси филмови кои публиката ќе може да ги види. Младите учеа за мирот и како тој да се шири. Денеска секој млад човек користи Фејсбук, Твитер и интернет, тука учесниците научија како да ги употребат за добри нешта.“

Kevin Borhers Mazedonien Debatte Frieden
Кевин БорхерсФотографија: DW

Социјалните мрежи  ја создадоа „Арапската пролет“

„Разговаравме како да се заштитиме самите и да им дозволиме пристап до нашите информации само на луѓето кои ги познаваме. Кај нас минува фазата за лаги со идентитетот, лажни пораки, прељуба. Ништо не е црно и бело. Како и насекаде во светот и во Србија, порнографија и педофилија на пример, се шират преку интернет“, вели Моника Пап од Нови Сад .

Политиката веќе  ги користи социјалните медиуми за своја промоција. Но секој од нас преку социјалните медиуми може да го објави своето мислење кое може да влијае врз другите. Со податокот дека можете да бидете анонимни, а понекогаш да „позјамите“ нечиј идентитет често се случува работите да излезат од контрола. „Класичен пример за позитивна улога  на социјалните мрежи е ’Арапската пролет’. Египет беше во тотална блокада, се криеја информациите од јавноста, но одредени луѓе ги обелоденија и промените се случија,“ вели Кевин .

Symbolbild Familie und Soziales Netzwerk
Социјалните мрежи се и ризик и прозорец кон светотФотографија: Fotolia/NLshop

Вербалното насилство на интернет не стивнува

„За жал социјалните мрежи од страна на младите во Босна и Херцеговина се‘ почесто се употребуваат за негативни нешта. Кај нас вирее вербалното насилство. Често се случува одредена група на млади луѓе да им се заканува на други да ги предизвикува“, раскажува Даниела Радовановиќ од Модрича и додава:

„Кога Република Српска славеше 20 години некои медиуми почнаа да ја нарекуваат ’геноцидна творба’.Тогаш на Фејсбук имаше лавина од коментари, навреди. Тоа се зборови кои некогаш болат повеќе отколку некој да ве удри.“

И Македонија не е имуна на обидите социјалните мрежи да се злоупотребуваат и да се пишуваат погрдни пораки кои имаат меѓуетнички и антагонистички пристап. Насилството од улиците и спортските терени и трибини со денови е актуелно на мрежите, вели Бранко Ристовски од Скопје. Тој потсетува на настаните од пред една година и на моќта на социјалните мрежи: 

Branko Ristovski Mazedonien Debatte Frieden
Бранко РистовскиФотографија: DW

„Убиството на Мартин Нешкоски практично беше откриено од страна на младите кои преку Твитер ја ширеа целата работа. Така случајот излезе на површина. Карактеристични се и обидите на некои политички партии преку социјалните медиуми да ги повикаат младите на изразување револт и немири.“

И додека се мешаат аплаузите и музиката од видео-бимот, во публиката наоѓам еден случаен гледач - Холанѓанец кој внимателно ги следи проекциите и ми вели: „Па ова е сосема добро. Добра идеја да се промовира мирот.“  Филмовите го почнаа новиот „живот“ по Фејсбук , Твитер... и наскоро по фестивалите.  Младите отворија нова страница во својата дружба, а организаторите - Цивилниот Мировен Сервис и Пакс Кристи Ахен од Германија размислуваат проектот „Млади за млади“ којшто е пред крај, да продолжи.