1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалните работници поблиску до руралното население

Антоанела Димитриевска6 октомври 2013

Стручни социјални тимови преку проект информираат жители од македонските села за остварување на правато за социјална парична помош, детектираат ризик од семејно насилство, развод на брак и други проблеми.

https://p.dw.com/p/19uOG
Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Планинските села Горно (на насловната фотографија) и Долно Јаболчиште, на 45 и 40 километри одделеченост од Велес, се само две села вклучени во проектот „Отворени денови за социјална заштита во руралните средини“ на Министерството за труд и социјална политика. Селата, кои се познати по одгледување на овци и компири, се населени со чисто албанско население. Во Горно Јаболчиште има три илјади, а во Долно Јаболчиште илјада жители. Мажите на средни години и помладите се на печалба во Белгија, Швајцарија и Италија, а дома се враќаат во лето кога селата живнуваат. Во селото главно остануваат жените, децата и постарите. Во Горно Јаболчиште има 108 семејства, односно околу 600 жители, кои се корисници на социјална парича помош. Во тројно помалото село Долно Јаболчиште 48 семејства, или околу 300 жители, се корисници на социјална парична помош. Некои од нив се' уште примаат помош, а на некои согласно законот им била укината.

Како да си ја повратат социјалната парична помош

При посетата на тимот, сред село во градската кафеана се собрани многу мажи - глави на семејствата, кои дојдоа да се распрашаат како повторно да го остварат ова социјално право, но и да добијат совети и за други горливи проблеми кои ги тиштат. Жителите сакаат нивните изјави за Дојче веле да бидат анонимни.

Најголем дел останале без социјална помош поради добивање субвенции за стока и поседување земја. Еден четириесетгодишен маж, кој има жена и пет деца, му појаснува на тимот дека по третпат ја загубил социјално-паричната помош:

„Тешко живеам со пет деца, повремено одгледувам крави, кои не се расни. Имав три - една продадов, па сега имам две, едвај за млеко за децата, ама од тоа не се живее. Барам колку-толку да ми се врати социјалната парична помош“.

Нада Трајкова социјален работник му појаснува:

„Поради тоа што си земал субвенции за кравите си го изгубил правото на социјална парична помош. Наредната година доколку не добиваш субвенции, по истекот на решението, можеш да го обновиш барањето и да ја прикажеш материјалната состојба на твоето семејство, но без прикривање на факти. Ако ги исполнуваш сите услови пропишани со законот, повторно ќе оствариш право на социјална парична помош“.

Dolno Jabolciste, Mazedonien
Долно ЈаболчиштеФотографија: DW/A. Dimitrievska

По смртта на родителите многу од младите семејства останале беа социјална парична помош, бидејќи сега земјата од родителот се префрла на нивно име. Проблемот е што земјата со истата површина во целост се прикажува кај сите синови кои основале семејства. Тие се револтирани за ваквата одлука, но Нада Трајкова од тимот им појаснува:

„Такви се законските одредби, ние сме електронски поврзани со Катастарот и другите надлежни институции, каде се гледа имотната состојба на секој подносител и корисник. Вие ако имате земја над 7 декари ви се укинува социјалната помош, иако земјата не е ваша, туку заедничка со браќата. Затоа треба да извршите судска поделба на земјата, ако сакате да го остварите правото на социјална помош“, појаснува Трајкова.

Многу од жителите се жалеа дека ја изгубиле паричната помош - нега за болен, намената за нивните болни жени и мајки. Веселинка Тошевска, психолог од тимот им појаснува:

„За тоа кој ќе добие нега за болен, одлучува специјализирана Лекарска комисија од Скопје, а согласно добиените документи ние потоа само го потпишуваме решението. Ако сте одбиени, напишете жалба, а потоа на увид треба да дојде Второстепена комисија, која на лице место треба да ја утврди фактичката состојба“, појаснува Тошевска.

Тимот во разговорите со селаните се обидува да открие и нови семејства во ризик за да им помогне. Воедно им појаснува и дека освен овие, можат да остварат и други социјални и права за нивна заштита при семејно насилство, кое треба да го пријават, како и помош во случај на развод на брак и при други проблеми.

Социјалниот тим да продолжи со теренска посета на селата

Селаните беа задоволни од посетата на социјалниот тим и му порачаа: „И во иднина доаѓајте тука кај нас во селото, не не' заборавајте. Вака ни е подобро - со вашата посета не губиме време и пари за превоз до Велес“.

Социјалниот тим им појасни дека во Општина Чашка, која е на 15-ина километри од нивните села, неодамна е отворено Дисперзирано одделение на Меѓуопштинскиот Центар за Социјална работа од Велес, кое официјално ќе профункционира во текот на октомври. Во него ќе има вработен социјален работник кој поблиску ќе контактира со жителите од овие села, а ќе има и континуирана стручна помош од поискусните колеги од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Велес.