1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сојуз за иднината“ поднесе тужби во Управниот суд

АМ/миа31 март 2013

Коалицијата „Сојуз за иднината“, предводена од СДСМ, поднела до Управниот суд на Македонија повеќе од 100 тужби, зашто смета дека ДИК одлуките ги донела со надгласување, а не врз основа на закон и аргументи.

https://p.dw.com/p/187Q8
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Државната изборна комисија го претвори овој државен изборен орган во политичка инквизиција. Најдобар доказ за ова е фактот што мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК ги одби нашите приговори, не водејќи сметка за ниту еден факт и без притоа да се направи увид во избирачкиот материјал на оспорените избирачки места. Барањата за увид и пребројување на гласачките ливчиња беа одбиени со надгласување 4 спрема 3. Сосема спротивно, за приговорите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Струмица беше применет поинаков аршин“, рече потпретседателката на СДСМ Ана Павловска-Данева на денешната прес-конференција.

Според неа, членовите на ДИК кои одбиле повеќе од 300 приговори на опозицијата за првиот круг од локалните избори, за Струмица прифатиле приговори без никаков правен основ со кои, како што рече Павловска-Данева, сакаат да му ја украдат убедливата победа на градоначалникот Зоран Заев.

„Не може со три неиздржани приговори и без увид во гласачките ливчиња мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ да се обидува да ја менува волјата на струмичани. Очекуваме Управниот суд да покаже висока професионалност и независност во одлучувањето по тужбите, да пресуди ослободен од политички притисок, водејќи се единствено според Уставот и законите. Управниот суд, како последна инстанца, ја има целата одговорност со законски одлуки да ја исправи политичката неправда на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во ДИК“, рече потпретседателката на СДСМ Ана Павловска-Данева.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на СДСМ истакнува дека опозициската партија виновникот за поразот на изборите сега го бара и во ДИК, а не во себе.

„Сега на СДСМ и ДИК им е виновна за катастрофалниот пораз. Се’ додека вината и причините за поразот не почнат да ја гледаат во себе, ќе останат заглавени во темнината, која Бранко Црвенковски им ја креира и во која самите се веќе предолго заробеници. Сите се криви само Бранко Црвенковски и раководството на СДСМ не се криви за нивниот пораз. Очигледно СДСМ е во очај“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.