1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со багаж од странство до економски просперитет дома

26 јануари 2011

Тетовското село Џепчиште многумина го означуваат како економско чудо. Таму идеите и капиталот на печалбарите од Запад се здружуваат со локалниот култ кон работата -резултатот е подолгорочен просперитет за луѓето.

https://p.dw.com/p/QjS6
Тетовски регионФотографија: DW/S. Toevski

Ниту годините на уништувачката македонска транзиција, ниту сегашнава глобална економска криза, не успеваат да ја растројат основата врз која почива економското чудо во Џепчиште: во ова етнички мешано село со 4.800 жители, поранешен општински центар, на два километра од Тетово, работат 73 мали и средни претпријатија и неколку големи стопански фирми, сите вкупно со повеќе од 2.500 вработени лица. Сопствениците на малите погони произведуваат, или преработуваат, се’ и сешто: ќерамиди, столарија од дрво, месо, млеко, инвентар за здравствените институции, штрафови, цемент, пластика, бои, лакови ... Снаодливиот сопственик на фирмата „Гринпродукт“ се ориентирал на конзервирање земјоделски производи, од нив произведува туршија и ја пласира во Германија и во другите држави низ Европа. Во Џепчиште речиси да нема невработени. Се увезува работна сила и од околните села и општини. Економскиот просперитет на ова богато село има две компоненти: девизните приливи на овдешните печалбари, кои работат во Швајцарија, Германија, Италија, Данска, и локалниот култ кон работата.

Molkerei Ekosar
Млекарница во тетовскоФотографија: DW / Nedevski

„Инвеститори со голем багаж и пракса од Запад“

Нухи Вејсели, секретар на Месната заедница во Џепчиште и референт за локален економски развој во канцеларијата на Полошкиот развоен плански регион, вели: „Има најави за унапредување на постојните компании, за проширување на нивните капацитети и имаме најави за нови конкретни инвестиции. Сите овие инвеститори доаѓаат со голем багаж и пракса од Запад: и со капитал и со идеи.“

Микрофонот на Дојче веле ги регистрираше искажувањата и на селаните:

„Нашево село има добар живот, благодарение на народот, кој ја сака многу работата; Фино, кој работи, фино. Кој не работи, ништо!“

„Може да се живее, но луѓето сакаат да работат надвор“

„За оној што работи – многу добро е. За оној што не работи –

лошо! Околу 80 отсто од луѓето работат, но сами. Без помош од државата.“

Sadi Bedzeti Bürgermeister von Tetovo Mazedonien
Сади БеџетиФотографија: DW

Ова село е во состав на општина Тетово. Градоначалникот на Тетово Сади Беџети со следниве зборови се надоврзува кон мислењата на џепчиштани: „Не добиваме ништо од Агенцијата за патишта. Не добиваме од државата пари од данокот за додадена вредност. Централната власт се држи во свои раце: тие управуваат директно. Контролираат целосно: и земјиштето и парите.“

Луѓето се приврзани кон своето родно место и штедро учествуваат во месните самопридонеси, кога треба да се реновира водоводот, или да се проширува постојната комунална инфраструктура со нови објекти.

Село со екипа во врвот на македонскиот прволигашки фудбал

Вејсели напоменува: „Имаме наше Собрание во селото и се состануваме на секои шест месеци. Тоа е Совет на месната заедница, кој брои 45 луѓе. Усвојуваме планови кои објекти треба да се градат, односно што треба да се прави. На пример: со самопридонес го одржуваме водоводот, сега ќе градиме и систем за фекална канализација. Ги анализираме сите други можни инвестиции и продолжуваме со реализирање на плановите, донесени на состаноците на Советот.“

FC Renova
ФК РеноваФотографија: DW

Џепчиште има околу двесте жители со високо образование. Селото разви сопствена еколошка програма, формира културно -уметничко друштво и доби фудбалски прволигаш Ренова, според името на неговикот финансиер – тамошната водечка компанија за производство на елементи за градежништвото „Ренова“. Екипата на „Ренова“ е во врвот на македонскиот прволигашки фудбал, исто како што е и овдешниот бизнис во врвот на македонското претприемништво.

На заминување од Џепчиште не испраќа - тишината, само повремено прекинувана со брмчењето на по некој автомобил, или трактор. Која и не дочека кога дојдовме. Селото заживува со својот џагор по завршувањето на работното време, попладнето. Дури тогаш се полнат улиците и кафулињата. Вака е со години.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска