1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со банкарскиот надзор во ЕУ ќе шефува жена

Анја Кимиг / Елизабета М. Фиданоска11 декември 2013

Француската банкарка Даниел Нуи ќе раководи со банкарскиот надзор во ЕУ. Одделот на ЕЦБ за банкарски надзор се пополнува со персонал. Соработници на банката ширум Европа трагаат по банкари, правници, ИТ-експерти...

https://p.dw.com/p/1AVTs
Даниел НуиФотографија: picture-alliance/dpa

Европскиот парламент денеска (11.12) даде согласност за Даниел Нуи на местото шеф на одделот за банкарски надзор во ЕЦБ. За 63-годишната Французика гласаа 555 пратеници, против беа 50-мина, а 52-ца парламентарци беа воздржани. Согласноста ан ЕП беше неопходна за Нуи да ја преземе функцијата во јануари, како што беше планирано. Одделот за банкарски надзор ќе има седиште во Франкфурт, исто како и останатите оддели на ЕЦБ. Соработници на Европската централна банка ширум Европа бараат соработници за новиот оддел.

Потребни се илјада соработници

Каролине Вилеке има мамутска задача - за 12 месеци таа треба да најде околу илјада соработници за одделот за европски банкарски надзор. Вилеке раководи со одделението во ЕЦБ за регрутација на персонал за банкарски надзор. Таа на располагање има тим од 10-мина соработници, плус помошта што ја добива од персоналното одделение. Барањата се високи, а тимот има полни раце работа. Кандидатите мора да доаѓаат од земји на ЕУ, јазик на кој ќе се работи е англискиот. Освен тоа, задолжително треба да се има бечелор-диплома, а уште подобро е ако се завршени мастер студии, како и да се има најмалку четиригодишно работно искуство. Сите кандидати, сеедно дали се банкари, дали работат во консалтинг на претпријатија или се ревизори, треба добро да ги познаваат сферите банкарски биланс и менаџмент во ризични ситуции. Покрај 770-те банкарски надзорници, се бараат и ИТ-експерти, правници, статистичари и луѓе за персонални рашања. Сите работни места треба да бидат пополнети до ноември 2014-та, по што ЕЦБ почнува со контрола на најважните банки во Европа.

03.12.2013 DW TV Made in Germany EZB Jobs 5
До ноември треба да бидат вработени илјада луѓе

Прво ќе се бираат топ менаџери, а тие потоа самите ќе ги избираат своите тимови. Тимот на Вилеке патува во Европа и привлекува заинтересирани, ги презентира работните услови, платите и додатоците на плати, раскажува како се живее во Франкфурт. „Нагласивме дека за раководните позиции бараме и жени кандидати“, вели Вилеке.

Првите надзорници веќе работат

Првите 79-мина банкарски надзорници почнаа со работа уште во текот на летото. Тие се испратени од централните банки и националните оддели за банкарски надзор од државите на ЕУ и треба да ги постават основите на надзорот. Една од нив е Ирката Карен Шајн. Таа во Ирската централна банка работи во сферата на банкарски такси и вели дека има за задача да го пренесе своето искуство и знаење во овој дел. ЕЦБ досега има формирано пет работни групи. Две групи се задолжени за правните основи и за создавање компендиум за банкарски надзор. Другите групи утврдуваат кои банки ќе бидат контролирани и што треба да се контролира. Една група е задолжена за ревизијата. Повеќе од половината надзорници доаѓаат од Германија, Португалија, Шпанија и Италија.

03.12.2013 DW TV Made in Germany EZB Jobs 4
ЕЦБ во Франкфурт

Паралелно со барањето персонал, тече и еден друг проект, кој треба да биде готов налето - новата зграда на ЕЦБ во Франкфурт. До средината на 2014. година вработените во ЕЦБ, 2300 на број, ќе се преселат во новата зграда, а во стариот објект на ЕЦБ ќе дојдат нововработените илјада луѓе задолжени за банкарски надзор.