1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со германска поддршка на европски пазар

29 септември 2010

Со германска поддршка до поефикасна соработка и подготвеност за настап на единствениот европски пазар. Земјите од регионот, членки на проектот ЦЕФТА, се собраа во Скопје на заеднички проект за размена на искуствата.

https://p.dw.com/p/PPt7
Симболот на ЦЕФТА

Земјите од регионот, членки на проектот ЦЕФТА, асоцијација за слободна трговија на земјите од централна и источна Европа, во соработка со Унијата на германските трговски и индустриски комори се собраа во Скопје на заеднички проект кој ќе им помогне да си ги пренесат искуствата.

Станува збор за процес кој ќе се спроведува во наредните три години, директно финансиран од страна на Сојузната германска влада со еден ипол милион евра. Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија објаснува:

„Основната цел е поддршка и поттик за компаниите во југоисточна Европа во насока на користење на можностите и придобивките кои ги дава самата ЦЕФТА спогодба, а со цел да се зголемат приходите и вработувањата во регионот“.

Значајна размена на искуства и поддршка

Во проектот учествуваат коморите на Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Албанија како земји членки на ЦЕФТА. Како земји учеснички се Турција и Бугарија, Романија и Грција како земји-членки на ЕУ чии искуства треба да помогнат. Искуствата за овие земји и поддршката е многу значајна:

Deutschland Wirtschaft Gütermann in Gutach im Schwarzwald
Фотографија: AP

„ЦЕФТА договорот е наша подготовка за пазарот на ЕУ, всушност колку ние можеме да се подготвиме да бидеме конкурентни на пазарите на ЦЕФТА, толку утре ќе бидеме и на пазарите во ЕУ. Така што во секој случај и‘ благодариме на германската влада за нејзината значајна помош во промоцијата и помошта за интернацинаализација на работењето на компаниите од ЦЕФТА“, изјави Даниела Печевски од Стопанската комора на Хрватска.

Дека ЦЕФТА и соработката нуди добри можности потенцираат и од Комората од Ниш:

„Добро е што сфативме дека нашите национални пазари се многу мали за можностите кои ги имаме. Добро е што договорот ЦЕФТА нуди бенефиции за подобрување на размената" вели Владан Станојевиќ.

Инаку, според податоците, Македонија во првите шест месеци бележи мал напредок во трговската размена со земјите од ЦЕФТА, која изнесува 15 милиони долари. Посебно добри се резултатите во односите со Косово, каде трговијата е повеќе од двојно зголемена.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска