1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со дерегулација - над 4 милиони нови работни места

Силвера Падори19 април 2006

Според најновата студија на Институтот на германското стопанство од Келн и Институтот за светска економија од Хамбург, во наредните 15 години, доколку се намали бирократијата, во Германија може да се отворат над 4 милиони нови работни места. Експертите инсистираат на поголема флексибилност кај платите , помала бирократија и поголема автономија на училиштата

https://p.dw.com/p/AeM2
Од бироата за вработување најпрво би се регрутирале младите, домакинките, старите ...и оние кои работат на црно
Од бироата за вработување најпрво би се регрутирале младите, домакинките, старите ...и оние кои работат на црноФотографија: AP

Колку помало е државното регулирање, толку е поголема квотата на конкурентност. Колку помала е бирократијата, толку поголема е вработеноста. Оваа вистина која честопати само како фраза се повторува, ја потврди и Студијата која ги анализираше стопанските параметри во 28 држави на ОЕЦД. На списокот на најдобри се Нов Зеланд и САД, по што следуваат Обединетото Кралство, Данска, Канада и Финска. Се најдоа на врвот зашто спроведоа силна дерегулација на нивната трудова, производна и образовна политика, како и на пазарот на капитал.

“Во Германија и покрај сите промени од минатите години и посебно по Агендата 2010, регулирањето на пазарот на труд е се уште интензивно и неделотворно. Така, ние не сме некаде во средината, туку на последно место кога е во прашање регулирањето на пазарот на труд” - вели Михаел Хитер, директор на Институто за стопанство од Келн. Според него, доколку Германија го следи примерот на дерегулирање на пазарот на труд, какво што е спроведено во Скандинавските држави, во наредниве 15 години ќе може да се отворат и до 4,9 милиони нови работни места.

“Тоа значи мобилизирање на тивките резерви во многу области, мобилизирање со желба за вработување која до сега не беше артикулирана зашто изгледаше безнадежна. И во оваа смисла ориентацијата е кон поголемо вработување” - дополнува Хитер прецизирајќи дека големи резерви има во здравството и образованието, а би се регрутирале пред се младите, домакинките, оние кои сега работат на црно и старите лица.

За големата бирократија и преголемата регулатива како дефицит најилустративно говори примерот на времетраењето за формирање едно ново претпријатие. Во Австралија правната работа може да се заврши за 2 дена, во Данска за 4, во Обединетото Кралство за 18, а во Германија за 45 дена. Сепак , според Хитер, со Студијата не се пропагира беззаконие како на “дивиот запад“, туку станува збор за систематско регулирање кое од гледна точка на пазарот на трудот ќе одговори што е неопходно за да може овој систем долгорочно да функционира, кои правила на игра се дозволени...

Во сферата на образованието, која исто се најде под лупата на експертите во Студијата, Германија повторно не блеска. Така 99 проценти од учениците во Шведска и Холандија учат во училишта каде директорот одлучува дали и кој наставник ќе биде вработен. Во Германија овој процент е едвај 17, за што Томас Штраубхар, директор на Институтот за светска економија од Хамбург забележува:

“Со право сме горди на федералниот систем на образовабие кој функционира во Германија. Тој има многу погодности, но знаеме и дека автономијата на секое училиште е значително помала од автономијата да речеме на едно француско училиште кое функционира во многу поцентралистички систем на управување. Тоа покажа и ПИЗА - дека со многу помали промени, може да се постигнат позначајни резултати... “