1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со експлозиви на Коста Конкордија во потрага по преживеани

21 јануари 2012

Спасувачите не се откажуваат - денеска е пронајдено уште едно женско тело во превртениот брод „Коста Конкордија“. Со тоа бројот на загинати се зголеми на 12 лица.

https://p.dw.com/p/13nYQ
Спасувачката акција, која беше повеќе пати прекинувана, утрово е обновенаФотографија: picture alliance / landov

Нуркачите денеска (21.01) користеа експлозиви за да направат три дупки на петтиот кат од бродот, каде се верува дека можат да бидат исчезнатите лица.

Акцијата за спасување досега беше прекинувана повеќе пати, откако експертите утврдија дека бродот се поместил. Тоа доведе до нова загриженост за безбедноста на нуркачите, кои пребаруваат низ остатоците од бродот.

Операцијата повторно беше прекината во текот на ноќта, но портпаролот на италијанската крајбрежна стража Косимо Никастро изјави оти службата се надева дека потрагата ќе продолжи за неколку часа.

Поместувањето на 300 метри долгиот брод им се заканува и на плановите за испумпување на нафтата од бродот, за да се спречи еколошка катастрофа.

Infografik Havarie-Lage der "Costa Concordia" vor Giglio
За да се спречи поместување на бродот се планира тој да се врзе со сајли

Поради тоа, спасувачките тимови размислуваат да го спречат понатамошното поместување на бродот во морето со врзување со сајли. Владата во Рим, една недела по бродската несреќа на крајбрежјето во Тоскана, прогласи вонредна состојба во регионот. Така ќе се овозможи давање поголема помош и пари, рече министерот Пиеро Џиардија.

Во несреќата, во која загинаа 12 луѓе, 20 лица се‘ уште се водат како исчезнати. Капетанот, кој управуваше со бродот на кој во моментот на несреќата имало 4 000 патници, се наоѓа во домашен притвор.

Автор: Александар Методијев /дпа/дв/ројтерс/

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска