1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со есперанто до интегрирана Европа

14 август 2009

Градот Бјалисток, кадешто е роден „таткото“ на јазикот есперанто Лудвик Заменхоф, беше домаќин на Светскиот конгрес на Есперантистите. Есперантитстите го претставуваат нивниот јазик како алатка за интеграција на Европа.

https://p.dw.com/p/J5b0
Фотографија: picture-alliance /dpa

Светски конгрес на вештачкиот јазик есперанто се одржа во градот Бјалисток во североисточна Полска, родното место на основачот на јазикот есперанто, полскиот Евреин Лудвик Заменхоф. Иако критичарите велат дека есперанто никогаш нема да стане светски јазик, офтамологот Заменхоф сонувал дека огромен број есперантисти во светот ќе го учат неговиот јазик. Сега, градот Бјалисток бара нови начини како да ја „продаде“ поврзаноста со јазикот есперанто.

Возењето со еден од зелените автобуси во Бјалисток е несомнено поучно. Веднаш паѓа в очи редицата светлечки екрани. Но, наместо бескрајните реклами за пијалоци, козметика и автомобили, со кои нормално се „бомбардирани“ потрошувачите, ќе го најдете и спотот за учење есперанто. Во десеттата лекција од овој курс, кој се прикажува во јавниот превоз, а е специјално подготвен за Есперантскиот конгрес, двајца тинејџери разговараат на јазикот, создаден на крајот на 19 век, од најпознатиот жител на Бјалисток, Лудвик Заменхоф. Момчето и‘ зборува на девојката и на крај се согласуваат да одат на ручек во локалниот ресторан. Сепак, во реалноста, не можете да најдете ниту еден единствен човек во автобусот, кој може да оствари барем основна комуникација на есперанто.

Јазик со мисија

Не е никакво чудо што Светскиот конгрес по есперанто, годинава, за свој домаќин го избра Бјалисток. Настанот започна со веселите звуци на есперанто верзијата на Деветтата Бетовенова симфонија, за да се нагласи дека есперантистите сега имаат амбиција да го претстават нивниот јазик како алатка за интеграцијата на Европа. За Дејв од Нов Зеланд, есперанто е јазик со мисија, каква што впрочем била и оригиналната идеја на Лудвик Заменхоф: „Француски, шпански, германски, англиски, руски, полски, еврејски, грчки. Тој ги користел зборовите од овие јазици. Идејата е луѓето да го одберат есперанто за свој втор јазик. Есперанто во основа значи „оној кој се надева“ и се надеваме дека ова ќе се случи."

Ludwik Zamenhof
Лудвик ЗаменхофФотографија: picture-alliance / akg-images

Оние кои течно го говорат јазикот, се согласуваат дека неговата убавина лежи во едноставноста. Овие двајца ентузијасти започнале да учат есперанто, откако не успеале да запишат друг странски јазик: „Беше еден вид случајност, со ќерка ми отидов на летен универзитет и видов дека се нуди курс – практичен есперанто. Јазикот ми се допадна, бидејќи е толку логичен. Гласовите се чисти и лесни. Нема проблематично дуплирање на букви, или комплицирани наставки. Се‘ е јасно и лесно за помнење", вели една есперантистка. „После две недели можев слободно да комуницирам, а после една година човек може целосно и течно да зборува", дополнува еден од учесниците на конгресот.

„Со есперанто се учи само јазик, но не и култура“

Некои други учесници на конгресот започнале да учат есперанто поради семејни причини. Нивните родители одлучиле дека не е доволно да комуницираат само со другите есперантисти, туку јазикот го користеле и во секојдневната комуникација со своите деца.

Esperanto als Muttersprache
Есперанто се учи и поради семејни причиниФотографија: picture-alliance /dpa/dpaweb

Сепак, критичарите велат дека со учењето есперанто се пропушта едно важно нешто: со учењето жив јазик, човек е изложен и на целосно различна култура. Но, есперантистите воопшто не се согласуваат со ова. Тие тврдат дека нивниот јазик е одличен за пишување поезија, разменување официјални мејлови, и дури и испраќање неучтиви смс-пораки. Седејќи во публиката на конгресот, може да се добие чувство дека, за некои луѓе, есперанто е повеќе отколку само вештачки проект замислен од добронамерен сонувач.

Есперанто јазикот во секој случај е доволно добар за со него да се изрази среќата на живеењето, како и чувството за еден свет кој ги поврзува сите.

Автор: Рафал Кипушевски / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска