1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со заеднички методи и јазик против криминалот

Силвера Падори-Кленке12 декември 2012

Полициите на Германија, Австрија и земјите од Балканот, меѓу кои и Македонија, го финишираа заедничкиот проект што треба да го зголеми нивото на соработката и комуникацијата во борбата против организираниот криминал.

https://p.dw.com/p/170YL
Фотографија: DW/S. Padori

Како исклучително успешен на завшната конференција во Берлин е оквалификуван крајот на Меѓународниот проект за сузбивање на организираниот криминал и тероризмот ДЕТ-ИЛЕКУс 2 што го водеа полициите на Германија и Австрија во соработка со земјите од Западниот Балкан. Билансот на двегодишниот проект кој чинеше 2 милиони евра е импресивен: спроведени се 217 анализи, а над 1.200 лица од полициите на земјите од регинот, Германија и Австрија учествувале на различни вежби и ворк-шопови.
„За сите учесници од Западниот Балкан, но и Австрија и Германија, ова беше важен стратегиски проект. Целта беше да се изедначат полициските стандарди, да се постигне високо ниво на работа и методи кои се меѓусебно споредливи. Со други зборови - луѓето кои се ангажирани во борбата против криминалот да говорат со ист јазик и рака под рака, заеднички и прекугранично подобро да се бориме против организираиот криминал, перењето пари, шверцот на дрога, трговија на луѓе и тероризмот“, изјави за ДВ Јерг Цирке, прв човек на германската служба за борба против криминалот.

Abschluss des internationalen Polizeiprojekts DET-ILECUs II in Berlin
Тесна соработка меѓу полициите на македонија и Германија и во иднина. Љупчо Тодоровски и Јерг ЦиркеФотографија: DW/S. Padori

Теорија и пракса

Герхард Ланг, генерал мајор и прв човек на Службата за борба против криминал на Австрија под чија раководна палка се спроведоа и двата проекти во кој беа вклучени балканските држави, за ДВ вели дека последниве десетина години се прават обиди соработката со Македонија да се интензивира.

„ Криминаклот не знае за граници. Преку територијата на Македонија водат многу патишта на криминалот, од шверц на дрога, преку перење пари и трговија со луѓе и сл. поради што се наметна потребата од потесна соработка со македонската полиција. Едновремено во заедничкиот проект се вклучи и Македонија така што е обезбедена подобра соработка и комуникација. До пред неколку децении ја имавме Југославија и немаше граници. Сега има повеќе мали држави, многу граници и отсуство на правна рамка како во полицијата овие земји можат повеќе да соработуваат. Со проектот се обидовме да ги создадеме потребните рамковните правни услови за заедничката соработка и практично луѓето да бидат 7 дена во седмицата по 24 часа достапни за заедничка акција и борба против криминалот“, изјави за ДВ генерал мајор Ланг.
Како пример на добрата соработка со Македонија, Ланг ја посочи големата вежба од пред четири седмици на Охридското Езеро. Учествувале Македонија, Албанија, Косово, Австрија и Германија и тоа не само со полициските кадри, туку и со јавното обвинителство, односно правосудните органи. Се симулирала целата процедура кога криминални структури кои шверцувале дрога доаѓаат од Албанија преку Македонија, до крајната дестинација Косово. Интенција била да се види брзината и ефикасностаи да се „фатат големите ѕверки“, зашто ситните криминалци на полицијата не и‘ се толку интересни колку големите кои стојат во заднината.
Генерал мајор Ланг вели дека сите проекти, па и овој имаат крај. Но идејата е она што сега е постигнато да не се заборави, туку да се надградува, затоа и тој се ангажира за изнаоѓање нови форми и финансиски извори преку кои ова би се поддржал.

Операција „Диригент“

Љупчо Тодоровски, директор на Бирото за јавна безбедност во МВР кој учествуваше на завршната конференција за проектот ДЕТ-ИЛЕКУс 2 вели дека со него е зголемен интензитетот на соработка, отворени се повеќе криминалистички обработки, обезбедена е обука на кадрите со што работата во Берлин , Виена или Скопје повеќе не се разликува.
„Македонија има доста искуство во работење со криминални групи кои тргуваат со хероин од Блискиот Исток, преку наша територија кон Европа. Има и искуство со трговијата со луѓе и се’ што е негативно а доаѓа од исток. Отворени сме за соработка со колегите од Европа, со Австрија и Германија. Заеднички работиме на една акција која се вика „Диригент“, а се однесува на откривање на методите на работа на лицата и организаторите на такви криминални групи кои делуваат во Франкфурт и Виена. Последниве три години постојат организирани структури кои го набавуваат хероинот од Турција или Холандија и го пласира на илегалните пазари во Виена и Франкфурт, каде се позиционирани овие организации чии членови се по потекло од Македонија. На почетокот направени се заеднички тимови. Оној во Македонија ги обработува организаторите и во него има колега од германската полиција, а во групата во Франкфурт работи човек од македонската полиција. Секојдневно се разменуваат информации за секој нов момент. Во подолг период се реализирани повеќе поединечни случаи кои во суштина се во склоп на заедничаката борба против франкфуртската група чиј организатор е од Македонија и ги раководи криминалци кои работат во Франкфурт“, изјави за ДВ Љупчо Тодоровски, директор на Бирото за јавна безбедност на МВР.