1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180811 Computerspiele 2 Social Gaming

28 август 2011

Социјалните игри стануваат се‘ повносен бизнис. Фирмите што развиваат вакви игри, преку ноќ, од фирми со неколкумина вработени стануваат претпријатија со десетици вработени. Приходите се милионски.

https://p.dw.com/p/12Owl
Фотографија: AP

Трендот во сферата на видео-игрите годинава се вика „Social Gaming“. Социјално, затоа што суштината на уживањето во игрите се личните, персоналните врски. Преку социјалните мрежи, како Фејсбук, во меѓувреме, милиони луѓе секојдневно играат мали бесплатни игри. За разлика од другите компјутерски игри, кај социјалните игри не се игра сам, туку заедно со Фејсбук-пријателите и други лица кои се на платформите. На тој начин, игрите се шират со огромна брзина. За фирмите што развиваат вакви игри тоа значи развој во најкус можен рок од фирма со двајца-тројца вработени до големо претпријатие. Игрите, поради нивниот интерактивен карактер, ги сакаат особено жените.

Од практикант до мафијашки бос

Криминалната кариера на Џесика Манкусо е во голем подем. Барем во виртуелниот свет на „Флиплајф“, една од таканаречените „Соушл гејмс“ (социјални игри). 26-годишната студентка е воодушевен играч веќе три месеци. Прво, сосема сериозно, работела како новинар. Неодамна се одлучила за промена и сега е активна во подземјето.

„Во моментов сум кај ’Дон Корнеола АГ’ и се обидувам да се етаблирам во мафијашкиот бизнис. Досега функционира добро. Овде може да се видат сите работи што треба да ги завршам“, вели Џесика Манкусо.

Ibrahim Evsan Fliplife
Ибрахим Евсан, коосновач на „Флиплајф“Фотографија: Ibrahim Evsan

Кај „Флиплајф“ може да се работи и како мафијаш, но пред се’ во професии кои се достапни во реалниот живот, како на пример готвач, менаџер или научник.

„Се тренира малку, додека седите пред компјутерот мора да си претставите како би било таму кадешто е претставено дека сте. И, навистина се пробивате нагоре во кариерата, како и во вистинскиот живот.“

Келнската фирма „Јунајтед Прототајп“ ја развива играта „Флиплајф“. Коосновачот на фирмата, Ибрахим Евсан, вели:

„Она што е особено на ’Флиплајф’ е тоа што се игра според сценарија од реалниот живот. Со вистински фирми, со вистински предмети, значи работи што се среќаваат и во реалниот живот. Тоа е она што е посебно. Повеќето од игрите имаат галаксии или слично. Кај нас се работи за реален живот.“

Од играње до вработување

Така може да се почне со работа и кај вистински фирми, како на пример во хемискиот концерн „Бајер“. Кој ќе ги заврши успешно проектите во најкус можен рок, ќе добие можеби навистина понуда за работа.

Претпријатието ја користи играта за дојде до соодветни кадри за работа. Во „Флиплајф“ играат околу 150.000 корисници.

„Понекогаш концерните се како црни кутии. Значи, познати ви се, знаете отприлика какви производи имаат, но не знаете што се’ се прави, за кое работно место точно може да се пријавите... Преку играта може да се запознаете со еден концерн, со една професија.“

Screenshot Spielerprofil Fliplife.de
Флиплајф се игра според сценарија од реалниот животФотографија: Ibrahim Evsan

Најголемиот европски понудувач на социјални игри е младата берлинска фирма „Вуга“. Креаторите на игрите доаѓаат од цела Еропа, Азија и САД. Преку Фејсубк, секој месец, една од игрите на „Вуга“ ја играат 35 милиони корисници. Таква е на пример играта „Монстер Ворлд“. Нејзина цел е да се создаде соспствена градина и таа да се негува, исто како и градините на познаниците и пријателите. Фирмата, која брои над сто вработени, во меѓувреме, вработува секоја недела по двајца нови соработници. Јенс Бегеман ја основаше „Вуга“ во 2009 година. Не сака да наведува бројки кога станува збор за профитот, но својот бизнис-модел го објаснува вака:

„За да се заработат пари ние не се фокусираме на реклами или слични нешта, туку исклучиво на виртуелни добра. Сите наши игри се бесплатни. Секој може бесплатно да ги испроба. И има мал процент играчи, навистина мал, едноцифрен процент играчи, кои се толку одушевени што сакаат да си сoздадт предност во играта и за пари купуваат мали проширувања на играта.“

Такви се, на пример, волшебните стапчиња, со чија помош побрзо расте она што е засадено во градината. Тие стапчиња може да се купат за едно евро. Се плаќа со кредитна картичка. За авторите на играта, на број од милиони корисници, тоа значи вносен бизнис.

Автор: Клаудија Лашчак / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев