1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со изборите Конго не се претвори преку ноќ во демократија

Александер Гебел1 август 2006

Напротив, 30-ти јули покажа дека Демократска Република Конго се’ уште е далеку од тоа

https://p.dw.com/p/Adz7
Конго: пребројување на гласовите
Конго: пребројување на гласовитеФотографија: AP

Воодушевувањето на Конгоанците за изборите беше огромно. Големиот ден, кој го маркира официјалниот крај на преодниот процес, помина – но како? Каролина Итуси во неделата за прв пат во животот излезе да гласа, а сега дојде да ги види првичните резултати. На вратите од училниците, што беа избирачки места, излепени со рака напишани листи. „Задоволна сум, мислам дека изборите беа полезни. Ако насекаде помина како овде, тогаш можеме да бидеме задоволни. Ова беше премиера. Сега се’ е мирно, помина возбудата кај луѓето и ние сите сме им благодарни на организаторите на овие избори“ – вели Итуси.

Ливен Панзу има спротивно гледање: „Не сум задоволен, оти имаше значителни неправилности. Имаше луѓе кои гласаа наместо фактички регистрираните избирачи, други во кабината открија дека некој веќе гласал во нивно име – тоа е лошо за нас“.

И навистина се множат такви вести. Но, и покрај се’, набљудувачот од ЕУ Улрих Штокман не сака да зборува за изборна измама: „Да, ситници кои повеќе настанаа од некоординираност. Избирачките кутии наскоро беа полни со оглед на огромните гласачки ливчиња, па избирачките одбори мораа да се снаоѓаат, но никогаш немав чувство дека се прави фалсификување на изборите“.

Но, последниот збор за тоа уште не е кажан. На многу избирачки места одненадеж недостигаа листите на избирачи кои се пријавиле на различни места под различно име, некои претседатели на избирачки одбори не дозволуваа присуство на сведоци или набљудувачи, некои избирачи јавуваа за обиди за подмитување и за пепарирани, веќе пополнети гласачки ливчиња. На едно избирачко место се појавија војници на претседателската гарда, куќата на еден кандидат за парламентарец беше запалена...

Ришар Кабоја е член на избирачки одбор. Тој уште не смее да го напушти избирачкото место, оти уште трае пребројувањето. „Населението навистина излезе во голем број да гласа. Но, морам да ги критикувам нашите работни услови. Обуката ни траеше три дена, а не бевме платени. Овде, на избирачкото место, морав две ноќи да преноќам – без јадење. Но, ние сме патриоти, ова го правиме за нашата нација, за кога и да е во иднина да имаме избрани претставници кои ќе се грижат за доброто на народот“.

Изборите треба да донесат стабилизација на земјата која досега само во официјалното име беше демократска. Сега Конгоанците сами мораат да докажат дека се навистина на добар пат, смета Кармина Ранчис Руескас, од меѓународната Мрежа за унапредување на демократијата: „Изборниот ден би го споредила со свадба: прво е големото славје, но дури потоа започнува бракот, со тоа и вистинската работа. Така е и овде. Ова е камен-меѓник, важна глава во историјата на земјата, но ќе биде потребен многу голем ангажман на сите вклучени“.