1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со какви пораки доаѓа Барозо во Македонија?

8 април 2011

При посетата претседателот на ЕК ќе инсистира посебно на потребата од еден вид историски договор меѓу различните политички сили и на култура на компромис заради европска интеграција, вели портпаролот Микаел Карничниг.

https://p.dw.com/p/10pjH
Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Стратегиската цел на посетата на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и комесарот за проширување Штефан Филе на Балканот е многу јасна: „Тој сака да ја зацрвсти европската перспектива на сите земји кои ги посети и ќе ги посети: Хрватска, БиХ, Црна Гора и Македонија“ вели за Дојче веле Микаел Карничниг, портпаролот на Европската комисија.

Оваа година е важна за регионот

Според портпаролот на Европската комисија, Микаел Карничниг, претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, на многу јасен и отворен начин ќе им соопшти на раководителите од балканските земји, дека „2011 е многу важна за целиот регион. Таа е година на можност да се зацврсти процесот на проширување и сите тие земји да се доближат до Европа. Но истовремено тој ќе им каже дека тие треба да ја преземат одговорноста и да исковаат проевропски консензус во сите земји и да започнат со решавањето на сите проблеми и пречки утврдени од Комисијата во процесот на зачленување.“

„Тоа ќе биде многу позитивна порака, дека Европа останува отворена и останува зад процесот на проширување и зачленување, но исто така е важно секоја од соодветните земји да ја преземе и сопствената одговорност во овој процес“.

На прашањето дали Барозо има посебна порака за Македонија, која навлегува во предизборен период, Микаел Карничниг нагласува:

„Претседателот на Комисијата ќе се сретне со премиерот и претседателот на Македонија и со водачите на најзначајните политички партии, тоа ја одразува и суштината на неговата порака. Односно, неговата порака ќе биде следнава: со цел да продолжи патот кон Европа, крајно е важно да постои стратегиски консензус внатре во земјата. Еден вид историски договор меѓу различните политички сили, еден вид култура на компромис што води кон европската интеграција, а не на поларизација меѓу различните политички партии. Посебно во еден предизборен период, потребен е дух на компромис и на соработка“.

PK des EU Erweiterungskommissars Stefan Füle zu den Fortschrittsberichten
Еврокомесарот за проширување Штефан ФилеФотографија: AP

Во однос на изборите, пораката за Македонија ќе биде следната: „Свесни сме за специфичната ситуација во која се наоѓате, ние не се изјаснуваме за изборите како такви, важно е тие да се одвиваат во согласност со меѓународните правила. Но тоа што на извесен начин е уште поважно е да има проевропски консензус меѓу политичките партии, нешто што не треба да биде ставано во прашање“.

Решението за името ќе значи стабилизација на целиот регион

Покрај двете препораки на Комисијата, преговорите поради проблемот со името се уште не се започнати, во однос на напорите за изнаоѓање на решение од кабинетот на Барозо велат:

„Вие знаете дека прашањето за името е тема на билатерлани преговори меѓу ПЈРМ и Грција под покровителство на ООН. Позицијата на Комисијата е позната, ние му даваме апсолутна поддршка на процесот. Ние ги охрабруваме двете страни да останат ангажирани во него, посебно во оваа предизборна фаза. Мислам дека решение за името ќе биде во полза на двете страни и ќе придонесе за стабилноста на целиот регион. ЕУ сака да види решение и Комисијата останува посебно подготвена да ги поддржи напорите на посредништво кои ги прават ООН“, вели Карничниг.

Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski trifft Präsidenten der EU Kommission Jose Manuel Barroso
Никола Груевски и Жозе Мануел Барозо на неодамнешната средба во БриселФотографија: MIA

За предлогот на Европскиот парламент, кој бара Европската комисија и Советот да изработат механизам за арбитража, кој би овозможил да се решаваат билатералните проблеми меѓу земји-кандидати за членство со држави-кандидати или членки на ЕУ, портпаролот на Барозо вели:

„Тоа што е важно и ние го имаме речено на повеќе наврати е дека билатералните прашања, за кои сме свесни дека колку и да се важни и чувствителни, не треба да бидат пречка за европската интеграција на некои земји“.

Ние се разбира остануваме подготвени да направиме се‘ што треба за да се најде решение. Ако погледнете што направи Комисијата во односите меѓу Словенија и Хрватска, ќе видите дека ние не сме само подготвени да интервенираме и придонесеме за решение, туку и да го направиме тоа на практичен и проактивен начин. Но истовремено треба да биде јасно дека тука е и одговорноста на соодветните земји и дека нивните билатерални дискуии и прашања не треба да претставуваат пречка во европските интегративни процеси“.


Нема нова тенденција околу употребата на терминот „македонски јазик“

За чувствителното прашање за бришењето, изоставањето , поточно неупотребата на името на македонскиот јазик и неговата замена само со неутралната форма „официјален јазик на државата“ во документите на институциите на ЕУ, Микаил Карничниг одговори:

„Не мислам дека станува збор за нова тенденција, за овие детали не сум во тек и ќе треба да се информирам.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема