1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со мали чекори против голем проблем

16 октомври 2009

Повеќето луѓе од Малави имаат помалку од еден долар на ден за живот. Најголемиот проблем е здравството, поради многуте ХИВ позитивни. Сепак, државата започна промени за да се подобри животот на населението.

https://p.dw.com/p/K62r
МалавиФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Сонцето стои високо во темносиното небо, не дува ни малку ветер. Во болницата „Ликуни Мишн Хоспитал“ во главниот град на Малави, Лилонгве, пациентите, посетителите и медицинските сестри бараат ладовина во сенките во шумата близу болницата. Триесет и петгодишната Криси Мквезаламба е една од нив. Таа работи како бабица во породилното одделение. ХИВ и процесот на дијагноза, за неа се позната тема. „Не можеме точно да кажеме дали некој е инфициран или не, бидејќи тука спроведуваме само ПMTЦT, односно само превенција. Нешто подоцна, по 6 недели, ја носиме родилката во ВТЦ собата.“

ПMTЦT и ВТЦ – овие кратенки во Малави знае да ги спелува секое дете. Скратениците тука се од животно значење. ПMTЦT е кратенка за програмата која работи на спречување болеста од ХИВ инфицираната мајка да се пренесе на детето. ВТЦ е кратенка од проектот кој се занимава со волонтерско советување и тестирање на населението. Малави сака да наведе што повеќе луѓе да се тестираат за ХИВ. Во ВТЦ собите, паралелно со тестирањето за ХИВ, се нуди опсежно советување, меѓу останатото и за тоа како пациентите да се заштитат од туберкулоза и маларија. Крис Кангомбе е на раководна позиција во министерството за здравство: „Во здравството важи правилото: подобро да се спречи, отколку да се лечи, особено кога станува збор за пандемијата ХИВ или сида. Ние тестираме бремени жени, и во случај да е резултатот позитивен, од нас добиваат лекови, за да не го заразат своето неродено дете.“

„За развој е потребно здраво население“

Besonders Kleinkinder in Malawi leiden an Malaria, Masern, Durchfallerkrankungen und Fehlernährung
Здравството е дел од планот за развој на МалавиФотографија: Jacky Monkam

Овие превентивни мерки се стандард во повеќето болници во земјата и пациентите ги добиваат бесплатно. Тие се дел од стратегијата, чија цел е да се подобрат условите за живот на населението. Во 2006 година, Малави воведе план, петогодишна програма за раст и развој. Суштински дел од него е и борбата против ХИВ и сидата. За да може да се развива како земја, на Малави му е потребно здраво население, убеден е Крис Кангомбе: „Планот за раст и развој се концентрира на шест главни области. Некои од нив се однесуваат на здравствениот сектор. Ние се концентрираме на грижата, негата и понатамошната стратегија во областа ХИВ и сида.“

Малави е на деветото место во светот според степенот на заразени од ХИВ вирусот. Болеста ја слабее целата држава: поради сида, се проценува дека околу еден милион деца се сирачиња. Бројката значи и дека голем дел од работоспособните средовечни луѓе не можат да работат. Тоа има фатални последици за националната економија. Долго време ХИВ и сидата беа табу тема во Малави. Никој не зборуваше за својата болест и го игнорираше тоа при сексуалните односи, што придонесе за уште побрзо ширење на вирусот.

Сузан Шмутцер, технички советник во невладина организација, која им помага на ХИВ позитивните во Африка да се реинтегрираат во малите и средните претпријатија, зборува за посебната програма за ХИВ позитивните на работа: „Постои организација која се занимава со заштита при работата и држи предавања на таа тема. Како да се овозможи првична помош? Она на што мора да се внимава при повисока стапка на ХИВ инфицирани, е доколку некој од колегите крвари, треба да се стават ракавици и потоа да се измијат рацете. Едноставни нешта, кои се подразбираат, а тука се‘ уште не се применуваат, на што и работиме.“

Соработка меѓу црквата и државата

In Malawi: warten auf die ärztliche Untersuchung
Населението треба да има поширок пристап до модерната здравствена негаФотографија: Jacky Monkam

Денес во Малави во многу претпријатија стојат на располагање бесплатни кондоми, а трошоците за лековите за СИДА ги покрива самата компанија. Освен тоа, во земјата почна и процес на децентрализација, здравствени тимови има речиси во секоја област. Освен тоа, се одвива и уште еден реформски процес: државните и приватните партнери склучија т.н. „Сервис левел агриментс“, под кои се подразбира потесна соработка.

Тоа значи дека на пример и црквата и државата поинтензивно ќе соработуваат, објаснува Дитер Кехер од Германското друштво за техничка соработка. „Ова овозможува бремените жени и мајките да можат да добијат бесплатна нега и во црковните установи, децата кои имаат маларија да можат да имаат бесплатен третман и со тоа и населението да има поширок пристап до модерната здравствена нега.“

Автор: Нина Хазе / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска