1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со песна до заедничка Германија

9 октомври 2010

Развивање толеранција кај младите преку рап-музиката, е концептот на наградата за интеграција „Респект 2010“ која ја воведува германската сојузна влада. Со неа се поттикнува ангажманот на учениците на оваа тема.

https://p.dw.com/p/Pa0L
Марија Бемер, пејачката Јули и глумецот Тајрон Рикетс со плакатот за музичкиот натпреварФотографија: Picture alliance/dpa

Марија Бемер, ополномоштеникот на германската влада за прашањата на интеграцијата, на манифестацијата на која беше претставен проектот, ја истакна важноста на тоа и младите да се зафатат со темата интеграција, една од најважните во земјата. Проблемите не се решаваат ниту преку провокативни изјави за интеграцијата, ниту пак со неотворање на темите, решението, според неа, е отворена и искрена дискусија.

„Актуелната дебата, предизвикана од господин Тило Сарацин и неговите изјави, прикажуваат слика на разделеност. Тој зборува за недостаток на волја за интеграција кај мигрантите, но одгласот кај граѓаните ми покажува дека дебатата можеме да ја искористиме за поттик на напредок, зашто на крајот на краиштата, во прашање е нашата иднина, соживотот во нашето општество.“

Maria Böhmer CDU Integration Integrationsbeauftragte
Ополномоштеникот на германската влада за прашања на интеграцијата, Марија БемерФотографија: picture alliance/dpa

Во последните пет години се согледани пропустите кои се направени во минатото, започна пресврт во интеграционата политика во земјата, а според Бемер сега мора да се работи уште поинтензивно на три големи „градилишта“: учење на јазикот, образование и стручно квалификување, како и вработување на мигрантите. Мотото треба да гласи: интеграцијата започнува од мене. Интеграцијата во Германија ќе биде поуспешна ако домашните и доселениците, било во училиште, на работно место или во соседството, предничат со добри примери во меѓусебното однесување.

„Да се свртиме кон добрите страни“

„Респект 2010“ е музички натпревар. Соработник во него е Тајрон Рикетс, 31-годишен пејач и глумец, чија мајка е од Австрија, а татко му од Јамајка. Рикетс уште одамна се ангажира за толеранција и против расизам. На германската публика и‘ е познат по една телевизиска криминалистичка серија. Рикетс од свое лично искуство ги знае проблемите на младите со мигрантско потекло, но повикува на барање заедничи патишта за излез од моментната ситуација:

Tyron Ricketts Schauspieler und Musiker
Пејачот и глумец, Тајрон Рикетс, одамна се ангажира за толеранцијаФотографија: Picture alliance/dpa

„Во соживотот постојат проблеми, но мислам дека треба да тргнеме од себе. Важно е да развиеме љубов за оваа прекрасна земја во која живееме, со сите грешки кои постојат во неа, но и со сите добри страни“, вели Тајрон.

Младите кои учествуваат во натпреварот ќе треба да ја дополнат неговата рап-песна со наслов „Се однесува на сите“, во која тој ги опишува предрасудите и проблемите на заедничкиот соживот.

На учесниците овој проект треба да им понуди шанса сосема отворено и искрено да се соочат со земјата во која живеат, пишувајќи одреден број строфи, што ќе бидат продолжение на првите две, составени од Рикетс. Учесниците своите предлози треба да ги испратат на интернет страницата www.respekt2010.de , по што ќе следи изборот на победниците.

Тајрон Рикетс е полн очекувања:

„Се надеваме дека со нашиот проект ќе дадеме позитивен поттик. Се надеваме да чуеме мислења на младите луѓе, и да размислиме околу нив, да научиме нешто од нив.“

Рикетс е сигурен во едно: време е Германија да создаде нова слика за себе, да стекне нова самосвест, прифаќајќи се онаква, каква што е - земја во која живеат 15 милиони луѓе со мигрантско потекло.

Сабине Рипергер/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев