1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со промена на името до рај на земјата

А.Клебер/Б. Георгиевски/ард12 февруари 2014

Казахстан е богата земја, но без многу пријатели низ светот. И инвеститорите и туристите ја заобиколуваат во широк лак. Тамошниот владетел ја „откри“ причината: не е проблемот во демократијата, туку во името на државата.

https://p.dw.com/p/1B6GM
Фотографија: JOHN MACDOUGALL/AFP/Getty Images

Со 2,7 милиони квадратни километри Казахстан е една од најголемите земји на планетава, но малкумина веднаш би ја пронашле на светскиот атлас. Причина за тоа не се парите - земјата е пребогата со нафта, а среде степите никнуваат храмови со златни покриви, пред сѐ благодарение на „таткото на нацијата“ Нурсултан Назарбајев.

Тој е на чело на земјата од независноста од СССР во 1991. година и не е многу оптоварен со обвинувањата дека всушност е диктатор. Впрочем, оваа голема земја има само околу 15 милиони жители и поранешниот главен секретар на Комунистичката партија на СССР за Казахстан е длабоко убеден дека никој не може да ја води земјата подобро од него. А, тоа негово мислење, како што се покажа и на сите досегашни „избори“, беше и повеќе од доволно.

Offshore Ölfeld Kashagan
Богатството на Казахстан доаѓа од изворите на нафтаФотографија: REUTERS

Па сепак, и таткото на нацијата го мачат проблеми - зошто сите ја заобиколуваат неговата земја? Кога се работи за нафтата, сите купуваат и не прашуваат премногу, но ретко некој се одлучува да мине одмор во степите на Казахстан или во убавите планини. Причина секако не се човековите права и љубопитната тајна полиција, туку претседателот е уверен дека проблемот е многу поедноставен.

„Во името на нашата земја го има тоа продолжение 'стан' кое го имаат и други земји од централна Азија. Но, странците многу повеќе се интересираат за Монголија, затоа што во името на таа држава го нема тоа 'стан'“, смета Назарбајев. И навистина, речиси сите соседни земји го имаат суфиксот: Авганистан, Киргистан, Туркменистан, Таџикистан, Узбекистан...

Туристите само што не дошле

Лингвистички тоа всушност е остаток од Османлиската империја (во турскиот јазик речиси сите земји го добиваат суфиксот 'стан'). Затоа Назарбајев се досети дека ќе биде добро неговата држава да ја преминува во Казахлај. Додуша, тоа на некој циник би можело да му звучи како име на шампон за коса, или некој локален специјалитет со варено овчо месо, или дури и некој град во Израел би можел да носи такво име, што на добронамерниот „татко“, на претежно муслиманската нација, сигурно не би му се допаднало.

Wahl in Kasachstan
Претседателот Нурсултан Назарбајев повеќе од 20 години е единствена изборна опција за граѓанитеФотографија: REUTERS

Тој објаснува дека тоа име на нивниот јазик значи „земја на Казаци“ и потоа повеќе нема да има никакви пречки за очекуваната навалица на туристи и инвеститори. А, што се однесува до преименувањето, властодржецот и по тоа прашање има искуство. Имено, уште во 1997 година тој одлучи да го премести главниот град на земјата. Во древната Алма Ата, каде со векови минувал „патот на свилата“ едноставно повеќе немаше место за огромните палати и споменици кои Таткото на нацијата сакаше да си ги подигне.

Затоа, главниот град го префрли во градот Акмол, на северот на земјата, среде степите, каде без престан дуваат силни ветришта. Вечниот претседател му го смени името на градот во Астана. Во превод тоа значи - главен град.