1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со рачна работа до дизајнерска софа

Г.Хофман/Б.Рихтер/Е.М.Фиданоска6 декември 2012

Фирмата КОР изработува дизајнерски мебел во процес во кој се‘ се прави рачно. Чист луксуз во денешно време, кое не може да си го дозволи секој.

https://p.dw.com/p/16pkB
Фотографија: DW

Стабилна рамка е основа за секоја софа. Кај КОР се сече, се монтира и се лепи рачно. Рачна изработка, исто како и со останатиот дел од процесот до готова софа, кој опфаќа околу сто чекори. Тоа е луксуз којшто може да си го дозволат само мал број производители на мебел.

Лео Либке е израснат во мануфактурата и раководи со бизнисот веќе шест години. Неговата фирма неделно произведува повеќе од илјада фотелји и софи, дизајнерски парчиња за соодветна цена.

„Притисок има, и ние мора да работиме економично и да ги оптимираме процесите за да имаме што пониски трошоци. Не можеме да бидеме поевтини, мора да бидеме подобри.“

Семејното претпријатие е успешно токму поради тоа што може да биде иновативно и флексибилно во релативно мала бизнис-сфера, како кога станува, на пример, збор за тоа да се погоди вкусот на муштеријата.

Семејниот елемент во претпријатието игра исто така голема улога. Либке е трета генерација, а мајка му до денес е важен советник.

„Таа е и добриот дух кој забележува ако расположението некаде не е оптимално. Тогаш таа оди кај луѓето и ги прашува што е работата и дали може да помогне. Вработените се исклучително задоволни што таа потоа со нив не разговара на оперативно ниво, туку на човечко ниво“, објаснува Лео Либке.

Се чини обезбедена е и иднината - едно од трите деца на Либке треба да го води натаму претпријатието за мебел.